Хроника
Приведен 34-годишен гостиварец осомничен за убиство на неговиот татко
Во Гостивар, 34-годишен маж бил лишен од слобода под сомнение дека го убил својот 63-годишен татко во семејниот дом, соопштија утрово од Министерството за внатрешни работи.
-Денеска во 01:50 часот во Гостивар, полициски службеници од Полициската станица – Гостивар го лишија од слобода М.Д. поради основано сомнение за сторено кривично дело „убиство“. Имено, претходно во 01:30 часот во Полициската станица – Гостивар, машко лице пријави дека се сомнева за убиство на член од неговото семејство. Полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот и во куќата е пронајден починат К.Д., на возраст од 63 години од Гостивар, со видливи повреди и траги од насилство во пределот на главата, по што, поради сомнение дека се работи за убиство, од слобода е лишен неговиот син, информираа од МВР.
Според првичните изјави на осомничениот, татко му починал претходниот ден околу 14:50 часот по пад во купатило, но, случајот не го пријавил кај надлежните служби.
Известен бил јавен обвинител. Од МВР додадоа дека се преземаат мерки за расчистување на настанот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
март 31, 2026

