Connect with us

Општини

Отворен ден на Царинската управа во Гевгелија

Како се открива присуство на дрога, пронаоѓање на скриен предмет во возило од страна на тренирано куче, како и презентација на скенер камион за поголеми возила, беа дел од активностите кои на својот отворен ден пред гевгеличани ги претставија вработени во Царинската управа. 

Настанот кој Царината го организира низ неколку градови со цел да се одбележи 14 април, денот на Царинската управа, ги собра минувачите и учениците од гевгелиските училишта на плоштадот во Гевгелија.

Инспекторите од Мобилна царина пред заинтересираните граѓани ги покажаа задачите кои се дел од нивната работа, како и опремата што ја користат секојдневно. Тие пред присутните објаснија како преку хемиска реакција и обојување во одредена боја се откриваат присуство на марихуана, опиум, екстази и останати опојни материи. 

Вработените во Царина го демонстрираа и уредот со кој се открива сокриена стока во гумите и резервоарите на возилата и потенцираа дека најголемиот шверц се одвива токму на граничните премини.

Презентиран беше и скенер камион за контрола на поголеми возила, а за учениците од гевгелиските училишта најинтересна беше потрагата по скриен предмет во возило која се демонстрираше со помош на куче од расата кокер шпаниел,  дел од единицата на тренирани кучиња К9.

-Целта на отворениот ден е гевгеличани заедно со помладата популација да се запознаат со оперативната работа на Царинската управа. Овде се мобилните тимови и тие ќе ја прикажат опремата на Управата пред граѓаните за да се презентира како оперативно се работи на Царина, изјави Димитар Вегов, управник на Царинарница Гевгелија.

Целта на настанот, како што велат од Царинска управа е да ја приближат оваа институција до граѓаните и да ја подигнат свеста за улогата што тие ја имаат во заштитата на економијата и безбедноста на државата.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1