Connect with us

Хроника

Обвинителството го одбележа Денот на правосудството со визија за интегритет и модернизација

Со мотото „Интегритет, реформи, правда“, Јавното обвинителство на Македонија денес го одбележа Денот на правосудството. Главните пораки беа насочени кон зацврстување на интегритетот, континуирани реформи, дигитализација и европска интеграција како темели за независно и ефикасно правосудство.

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески на настанот истакна дека интегритетот е основата на обвинителската работа.

– Интегритетот е нашиот штит што сите го носиме во нас. Интегритетот е нешто што ние го носиме, го градиме, а и јавно го демонстрираме преку нашето однесување, одлучување и постапување во конкретните предмети – рече Савески.

Тој додаде дека реформите се постојан процес и неопходен импулс за развој на Обвинителството.

– Реформите се нашиот импулс, тој импулс е постојан во нас. Постојани сме во процесот на реформи, секогаш има потреба од разбирање, следење на современите позиции на меѓународната заедница и имплементирање на тие стандарди во нашето постапување и одлучување – истакна Савески.

Тој најави дека еден од клучните приоритети ќе бидат дигитализацијата и модернизацијата на Обвинителството, со цел да се обезбеди поголема транспарентност и ефикасност.

Заменик-претседателката на Советот на јавните обвинители, Маријана Илиевска, нагласи дека довербата на граѓаните зависи од независноста на системот.

– Само обвинителство што постапува со интегритет може да ја зачува довербата на граѓаните. Обвинителскиот систем мора да биде заштитен од политички влијанија, а правдата мора да биде еднаква, навремена и достапна за секој граѓани – истакна таа.

Претседателот на Здружението на јавните обвинители, Елвин Вели, ја потенцира улогата на Обвинителството како столб на правната држава.

– Јавното обвинителство е столб на правната држава, чувар на правото и граѓанските слободи и права. Да се биде јавен обвинител, не значи само да се применува законот – тоа значи да се постапува со интегритет, храбро и одговорно, да се носат одлуки, кои можеби се тешки, но мора да бидат правилни – порача Вели.

Настанот беше заокружен со доделување благодарници на поранешни обвинители.

Маркетинг
Ad 2
Ad 1