Connect with us

Скопје

Новата спортска сала за училиштето „Кузман Јосифовски – Питу“ во Кисела Вода во функција од 1 септември

Нова спортска сала се гради во основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ во општина Кисела Вода, каде денеска увид во градежните работи извршија министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Станува збор за објект со површина од 650 квадратни метри, а инвестицијата се реализира со буџетски средства во износ од 32 милиони денари. 

Задоволство од динамиката на работите изрази министерката Јаневска.

-Ова е една од 30 активни градежни инвестиции во училишни објекти и спортски сали што Министерството за образование и наука ги реализира во моментов во повеќе општини на територијата на државата, а чија вкупна вредност е над 1 милијарда денари. Тука се завршени околу 60 отсто од градежните работи и очекувам до 1 септември да завршат и да ја пуштиме во употреба – рече министерката.

Објектот, додаде таа, ќе биде наменет за повеќе спортови, така што, наставата по физичко образование ќе биде значително унапредена, а ќе може да го користат и спортски клубови и рекреативци по завршување на часовите.

Јаневска рече дека во моментов се градат четири нови спортски сали и пет училишни објекти, се реконструираат 15 постојни сали и во 10 училишта има санациски зафати. Сите активни инвестиции, како што беше посочено, ќе бидат заокружени до крајот на тековната година.

– Ова е потврда дека грижата на Владата и на МОН за подобри инфраструктурни услови е исклучително голема. Потсетувам дека од почетокот на мандатот досега се вложени повеќе од 4 милијарди денари, односно околу 67 милиони евра во подобрување на училишната инфраструктура и продолжуваме со исто темпо и во периодот пред нас – додаде министерката.

Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска посочи дека изградбата на новата спортска сала е во напредна фаза и веќе биле реализирани 60 проценти од предвидените работи.

– Нашиот главен приоритет е учениците да добијат современ простор за настава по физичко образование и спорт, што ќе вклучува модерни терени за кошарка, одбојка и ракомет, како и комплетно опремени придружни простории. Како дополнителна вредност, овој објект е проектиран да биде пристапен и за лица со попреченост – додаде таа.

Нагласи дека овој проект е дел од заедничките цели и силната соработка меѓу Општина Кисела Вода, Министерството за образование и наука и Владата, со цел да се обезбедат најдобри услови за раст и развој на децата.

– Паралелно со оваа сала, активно работиме и на новата спортска сала во ПОУ „Круме Кепески“ во Припор, како и на капиталните проекти за доградба на училиштата „Невена Георгиева – Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“. Оваа меѓуинституционална синергија е клучот за реализација на ветеното и за создавање подобра иднина за најмладите во нашата општина – информираше таа.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4