Култура
МНТ одбележува 81 година со регионални гостувања на Словенечко народно гледалиште и Црногорското народно позориште
Со гостувања на Словенечкото народно гледалиште (СНГ) од Марибор и на Црногорското народно позориште од Подгорица, Македонскиот народен театар (МНТ) ја проширува роденденската програма по повод 81 година од постоењето. Отворањето кон Европа и регионот, како што беше истакнато на денешната прес-конференција, е суштинска потреба за МНТ да остане релевантна националната институција во современиот театарски контекст.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски, на средбата со новинарите потсети дека театарот веќе го одбележал 80-годишниот јубилеј по повод првата претстава изведена на 3 април 1945 година. За таа цел, тој посочи дека е издадена монографијата „Македонски народен театар 1945 – 2025, приказни поголеми од времето“, капитално дело, кое, според Кимовски, претставува колективно сведоштво за креативниот континуитет на институцијата.
– Свесно го направив овој исчекор отворајќи го МНТ кон Европа и регионот. Регионалните гостувања не се програмски додаток или шминка, туку суштинска потреба за една национална институција. Ако МНТ сака да остане релевантен, не смее да постои во затворен културен круг. Мора да комуницира, да се споредува со други естетики и други сценски јазици. Затоа годинава ја зголемуваме важноста на релевантни регионални продукции и претстави, кои веќе живеат активен сценски живот и носат јасен авторски став. Гостувањата не се само уметнички настан, туку огледало преку кое МНТ ги проверува сопствената релевантност и капацитетот да биде дел од поширокиот современ европски театарски контекст – истакна Кимовски.
Сезоната почна со стендап-шоу на Никола Ѓуричко, а програмата продолжува на 1 и 3 април со гостувањето на Драмата на Словенечкото народно гледалиште Марибор, кое доаѓа во Скопје по речиси 20 години. На 1 април ќе биде изведена претставата „Амадеус“ на Питер Шафер, во режија на Александар Поповски.
– Ова култно дело на Питер Шафер ја истражува комплексната релација меѓу Моцарт и Салиери отворајќи прашања за природата на генијалноста, зависта и односот меѓу човекот и божественото. Претставата се издвојува со силна актерска екипа и раскошен сценски израз, а режисерскиот потпис ја нагласува вечната дилема за цената на уметничката исклучителност – рече директорот на МНТ.
На 3 април на сцената на МНТ ќе гостува и наградуваната монодрама Immaculata („Безгрешна“) на СНГ Марибор. Во улогата на Марија настапува Наташа Матјашец-Рошкер, а драматизацијата и адаптацијата се потпишани од Ливија и Томаж Пандур. Оваа претстава е воедно и омаж на прерано починатиот режисер.
– Би сакал да додадам дека Томаж Пандур почина на 12 април 2016 година во Скопје за време на проби во Македонскиот народен театар. Тоа е голема загуба за целата театарска уметност во регионот, а особено за нашиот театар бидејќи во моментот кога тоа се случи тој беше во процес на поставување претстава во Македонскиот народен театар – потсети Кимовски.
Финалето, вели, на роденденската програма е закажано за 4 април со гостувањето на Црногорското народно позориште од Подгорица, со претставата „Наличје“ („Другата страна“) во режија на Борис Лиешевиќ, која беше најавена како ангажирано сценско дело што ја пресликува суровата реалност на современото општество.
– Овие гостувања се важни од неколку причини. Прво, за публиката. Таа добива увид во разни театарски јазици, без да го напушти Скопје. Второ, за уметниците. Контактот со други ансамбли и режисерски пристапи е неопходен за развој, а не привилегија. И, трето, за самиот МНТ. Националниот театар не е само институција што продуцира претстави, туку и инспирација што вмрежува, разменува и поставува стандарди. Нашата цел е јасна, МНТ да биде активен дел од регионалниот и европскиот театарски простор, а не само негов набљудувач. Со оваа програма не славиме само јубилеј, туку поставуваме и насока – нагласи директорот на МНТ.
На прес-конференцијата, покрај Кимовски, присуствуваа и директорот на СНГ Марибор, Данило Рошкер, режисерот Александар Поповски, актерите од претставата „Амадеус“, Жан Копривник и Јулија Клавжар, како и актерката Наташа Матјашец-Рошкер.
Поповски, покрај тоа што ја потпишува режијата на гостинската претстава „Амадеус“ е и уметнички директор на мариборската Драма. За него, фасцинантна е врската меѓу уметноста и семоќниот создавач на световите.
– Тоа на некој начин го потврдува феноменот Моцарт, кој својата музика ја транскрибирал – без преписи, без корекции. Она што го слушнал во својата глава го преливал на хартија. Барем така го замислил Шафер генијалниот Моцарт, иако тоа не е чиста вистина, лично за мене, божественото инспирирање, кое го добива уметникот е многу значајно. И верувам во него. Во мојот живот музиката отсекогаш имала посебно место. Меѓу сите уметности, таа е несомнено највозвишена, бидејќи само преку еден сигнал, нота или тон, отвора други светови. Во музиката нотата е или точна или погрешна. Нема средина. Интересен ми е моментот во драмата кога Салиери сфаќа дека преку музиката на Моцарт го слуша Божјиот глас. Со страв сфаќа дека Бог има друг избраник и му се спротивставува – вели Поповски.
Директорот на СНГ Марибор, Данило Роскер, пак, посочи дека после повеќе од 20 години СНГ Марибор гостува повторно со своја театарска продукција во МНТ, што значи дека, вели, во периодот што следи и Македонскиот народен театар ќе гостува на словенската мариборска сцена.
Во креативниот тим се потпишуваат сценографот Вања Магиќ, костимографите Марита Ќопо и Миа Поповска, како и кореографот Росана Хрибар
март 31, 2026

