Свет
Киев му се извини на Хелсинки за украинските дронови паднати на финска територија
Украина упати официјално извинување до Финска откако неколку нејзини беспилотни летала паднаа на финска територија во текот на вчерашниот ден, соопшти денеска Министерството за надворешни работи во Киев, пренесува ДПА.
Портпаролот на Министерството, Хеорхи Тихиј, нагласи дека дроновите не биле намерно насочени кон Финска.
– Со сигурност можеме да кажеме дека украинските дронови под никакви околности не летаа кон Финска. Најверојатното сценарио е дека тие биле пренасочени од нивниот првичен курс поради електронско попречување од страна на руската противвоздушна одбрана, изјави Тихиј пред новинарите во Киев.
Неколку украински дронови паднаа источно од југоисточниот град Коувола, во близина на финската граница со Русија. Инцидентот се случи во време кога Украина постојано ги гаѓа балтичките пристаништа во руската Ленинградска област со цел да го попречи извозот на руска нафта. Градот Коувола се наоѓа на околу 70 километри од тој регион.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот фински колега Александар Стуб денеска разговараа за инцидентот во телефонски разговор.
„Со Алекс ја гледаме ситуацијата на ист начин. Ги споделуваме сите потребни информации“ , напиша Зеленски во објава на англиски јазик на социјалната мрежа „Икс“ (X).
Украинските дронови во изминатиот период постојано навлегуваат во воздушниот простор на руските соседи во балтичкиот регион, а повремено паѓаат и на нивните територии, како што беа неодамнешните случаи во Литванија, Летонија и Естонија.
март 31, 2026

