Култура
Два концерта на Симон Трпчески со Сингапурскиот симфониски оркестар
Пијанистот со светска кариера Симон Трпчески одржа два концерта со Сингапурскиот симфониски оркестар за што со рецензија се огласи и критичарот на сингапурскиот „Стретјтстајмс“.
Како што информира „Културоп прес“, угледниот сингапурски весник, по повод настапите на нашиот пијанист, Трпчески е прогласен за „најдоброто нешто што произлегло од Македонија по Александар Велики“.
– Во продолжение на својата поента критичарот Џефри Лим вели: „Иако Трпчески никогаш не ја нападнал Персија, тој со својот сонародник Македонец споделува едноставна смелост и талент за совладување тешки пречки, што се докажува со неговата нова, атлетска изведба на Вториот концерт за пијано од Рахманинов со добро „подмачканиот“ Сингапурски симфониски оркестар под инспирираниот диригент Елијаху Инбал. Лим во продолжение на својата рецензија оценува: „Ова беше изведба на динамичност, умешност и медитеранска директност, а не хипнотичка концентрација како таа на Свјатослав Рихтер или патрициска елоквенција како кај Гарик Олсон (кој го свиреше делото со овој оркестар во многу поинаква интерпретација пред две години). Трпчески е природен шоумен, кој уживаше во незгодните пасажи со елан на магионичар што вади зајак од шапка. Надворешните движења беа изведувани со возбудливо темпо, со одличен ефект во пофренетичните моменти, како што е влезот на пијаното, што се протега со тастатурата во последниот став – пренесува „Културоп прес“.
Во освртот се додава дека биле исклучителни двата биса на Трпчески: „Последниот став од Седмата соната на Прокофјев беше изведен со техника што ви ја остава устата подотворена, во духот на целиот неврамнотежен автоматизам на производствената лента во ‘Модерните времиња’ на Чаплин“.
– Вториот беше изведба на „Вокализ“ од Рахманинов, во која Трпчески го придружуваше гостинскиот концерт-мајстор Дејвид Кушерон. На тоа претходеа неколку привлечни забелешки за љубовта на Трпчески кон Сингапур и моќта на музиката да создава мир во услови на светски немир и беше исто толку неочекуван колку што беше трогателен“, пишува критичарот на сингапурски „Стрејтстајмс“.
„Културоп прес“ информира дека во продолжение на сезоната Трпчески ќе настапи и во Соединетите Американски Држави, Канада и на Малта.
март 31, 2026

