Технологија
Стив Вознијак открива зошто гледа скептично на вештачката интелигенција
Според коосновачот на ЕПЛ Стив Вознијак, системите за вештачка интелигенција често не успеваат директно да одговорат на прашања и им недостасува емоционално разбирање, пренесе Н1 Загреб.
Вознијак изразува загриженост поради вештачката интелигенција во услови кога оваа технологија сè повеќе се воведува во секојдневниот живот, предупредувајќи дека можеби сè уште не обезбедува доверливост и човечко разбирање какво што луѓето очекуваат. Гостувајќи на ТВ Фокс бизнис (FOX Business), тој говореше за тоа како се развива вештачката интелигенција и каде, според неговото мислење, заостанува и покрај брзиот напредок во технолошката индустрија. Вознијак, кој помогна во создавањето на најраните компјутери на Apple и во обликувањето на револуцијата на персоналните компјутери, својот скептицизам го темели на важноста на човечкото размислување и емоционалната свест, тврдејќи дека технологијата треба да одразува вистинско разбирање, а не само добро формулирани одговори.
– Сакам да знам дека некое човечко суштество размислува како мене. Тогаш би знаел што би можел да чувствувам и да ги разбере емоциите и сето тоа, изјави Вознијак.
Врз основа на сопственото искуство од тестирање алатки за вештачка интелигенција, Вознијак рече дека системите често не успеваат директно да одговорат на прашањата, туку нудат широки или неповрзани информации што не ги погодуваат вистинските потреби на корисниците.
– Сакам таква доверлива содржина секојпат. Не сум љубител на вештачката интелигенција, додаде Вознијак.
март 30, 2026

