Connect with us

Свет

Папата Лав XIV: Бог не ги слуша и ги одбива молитвите на лидерите кои водат војни

Папата Лав XIV денеска изјави дека Бог ги одбива молитвите на лидерите кои почнуваат војни и имаат „раце полни со крв“.

Обраќајќи им се на десетици илјади луѓе на плоштадот Свети Петар во Ватикан на Цветници, кои католиците ги прославуваат денеска, папата рече дека Исус не може да се користи за оправдување на какви било војни.

– Ова е нашиот Бог: Исус, Кралот на мирот, кој ја отфрла војната, кого никој не може да го користи за оправдување на војна. Тој не ги слуша молитвите на оние кои водат војна, туку ги одбива, велејќи – дури и ако многу се молите, нема да ве слушам, вашите раце се полни со крв – рече папата Лав XIV.

Папата Лав XIV, кој е првиот американски папа, не именуваше конкретно ниту еден светски лидер, но во последните недели ги засили критиките за војната во Иран.

– Исус не се вооружуваше, ниту се бранеше, ниту се бореше во ниту една војна. Го откри благото лице на Бога, кој секогаш го отфрла насилството. Наместо да се спаси себеси, дозволи да биде прикован на крст – рече папата, повикувајќи се на библискиот извадок во кој Исус, пред да биде уапсен за распнувањето, го прекорува еден од своите следбеници затоа што со меч го удрил човекот што го апсел.

Папата претходно повеќепати повика на итен прекин на огнот во конфликтот во Иран, наведувајќи дека воените воздушни напади се неселективни и оти треба да бидат забранети.

Маркетинг
Ad 2
Ad 1