Фудбал
Над 75 отсто од навивачи не поддржуваат ВАР во Премиер лигата
Повеќе од 75 проценти од навивачите во Премиер лигата не ја поддржуваат континуираната употреба на ВАР технологијата.
Ова го покажуваат резултатите од анкета спроведена онлајн во периодот од 26 февруари до 23 март со која биле опфатени речиси 8.000 навивачи на врвните англиски клубови, соопшти денеска Здружението на фудбалски навивачи (ФСА).
Според анкетата, 75,7 проценти од испитаниците не ја поддржуваат употребата на ВАР системот во фудбалот, при што 91,7 проценти рекле дека видео технологијата негативно влијае врз спонтаната радост на трибините.
„Овие наоди ги поддржуваат претходните истражувања на ФСА од 2021 година, кога навивачите изразија сомнежи за воведувањето на ВАР технологијата“, изјави менаџерот на мрежата на ФСА за Премиер лигата, Томас Конканон.
Од своја страна, Премиер лигата одговори дека ВАР технологијата довела до поточни резултати, а, во исто време, влијаела помалку вознемирувачки отколку во другите европски натпреварувања.
„Во последните сезони, имаше околу 100 исправни одлуки при користењето на ВАР системот по сезона – во случаи на постигнати голови, досудени пенали или црвени картони. Применуваме висок праг за интервенции на ВАР, при што одлуката на судијата има предност. Како резултат на тоа, ВАР е помалку наметлив во Премиер лигата отколку во другите европски лиги, вклучително и Лигата на шампионите, каде што ВАР интервенира речиси двојно почесто.“, соопшти портпаролот на Премиер лигата
март 30, 2026

