Економија
Комисијата за хартии од вредност потпиша меморандум со Комисијата за пазар на капитал на Црна Гора
Комисијата за хартии од вредност (КХВ) на Македонија и Комисијата за пазар на капитал на Република Црна Гора денеска во Скопје потпишаа меморандум за разбирање, со кој се воспоставува рамка за унапредување на меѓусебната соработка и размена на информации во областа на надзорот и регулирањето на пазарите на капитал.
Во меморандумот се предвидува зајакнување на институционалната соработка преку размена на искуства и добри практики, координација во надзорните активности, како и заемна поддршка во процесите на лиценцирање, истраги и спроведување на прописите од надлежност на двете институции, соопшти КХВ.
– Со потпишувањето на овој меморандум правиме значаен импулс кон продлабочување на регионалната соработка и градење стабилен и ефикасен регулаторен амбиент. Заедничките активности ќе придонесат за унапредување на надзорните практики, зајакнување на институционалните капацитети и зголемување на довербата на инвеститорите. Регионалната соработка е клучна во процесот на приближување кон европските стандарди. Преку размена на знаења и искуства создаваме предуслови за поефикасна имплементација на новата законска регулатива усогласена со ЕУ, како и за развој на конкурентни и интегрирани пазари на капитал – изјави претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Бујаре Абази.

Претседателот на Комисијата за пазар на капитал на Црна Гора, Жељко Дринчиќ, оцени дека со потпишувањето на овој меморандум се воспоставува рамка за подобрување на меѓуинституционалната соработка, консултациите и меѓусебната помош во областа на надзорот и спроведувањето на прописите за пазарите на капитал.
– Овој меморандум претставува значаен чекор кон зајакнување на регионалната соработка и дополнително подобрување на регулаторните капацитети, со цел натамошен развој на транспарентен, стабилен и ефикасен пазар на капитал – истакна Дринчиќ.
Со активностите зацртани во меморандумот за соработка со заеднички напори почнува нова фаза на партнерство меѓу двете институции насочена кон креирање модерен и отпорен пазар на капитал, во согласност со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики, наведуваат од КХВ.
март 30, 2026

