Ракомет
Грчки спортски медиуми: Олимпијакос поразен од Охрид – тешка мисија пласманот во полуфиналето на ЕХФ Европскиот куп
Во првиот клучен меч во четвртфиналето, против тим со голем буџет и еден од фаворитите за титулата, „црвено-белите“, кои настапија без Сликовиќ и Морено, го „платија“ лошиот период во првото полувреме, кога заостануваа со 14:8, како и бројните пропуштени шанси (16 одбрани на Пилиповиќ), претрпувајќи пораз од пет гола разлика, пишува на официјалниот сајт на РК Олимпијакос за вчерашниот натпревар со ГРК Охрид на домашен терен, јави дописничката на МИА од Атина.
Во текстот под наслов „Црвено-белите во Охрид по пресврт“, од Олимпијакос коментираат дека машкиот ракометен тим „беше поразен со 31:26 од силниот Охрид во преполната сала во Илиуполи“.
– Во сабота (4 април, во 18 часот), во реваншот од четвртфиналето на д ЕХФ Европскиот куп на гостински терен кај Охрид, во Македонија, Олимпијакос го очекува тешка задача, бидејќи потребна е победа од шест голови разлика за пласман во полуфиналето, соопштија од Олимпијакос.
Левиот бек Савас Савас, кој натпреварот го заврши со 14 голови за официјалниот сајт на тимот изјави дека играле против „многу добар противник“, но и дека не дале 100 проценти од она што го планирале.
– Сепак, ракометот е специфичен спорт и имаме време пред нас, една седмица за да го анализираме мечот и да одиме таму со цел да се бориме за пласман. Пет гола не се голема разлика во ракометот и верувам дека, ако имаме добар ден, можеме да успееме, рече Савас и им се заблагодарам на навивачите за поддршката.
„Олимпијакос – Охрид 26:31: Пораз во Илиуполи и оди во Македонија за пресврт што ќе го испрати во полуфиналето на ЕХФ Европскиот куп“; „Пораз на Олимпијакос од Охрид во Илиуполи“; „Олимпијакос поразен од Охрид – тешка мисија пласманот во „четворката“ на ЕХФ Европскиот куп“; „Олимпијакос – Охрид 26-31: Минимални шанси за полуфинале во ЕХФ Европскиот куп“; „Олимпијакос – Охрид 26-31: Сè ќе се решава во реваншот“, се дел од насловите во грчките спортистки медиуми за вчерашниот натпревар во Атина.
Коментарите се дека „силниот Охрид беше подобар од Олимпијакос“, домаќините уште од самиот почеток „бркаа резултат, бидејќи одбраната не функционираше како што треба, а во нападот решенија нудеше само Савас“, но и дека „мисијата на Олимпијакос за пласман во полуфиналето станува исклучително тешка“.
По завршувањето на натпреварот и победата сред Атина, тренерот на ГРК Охрид Борис Ројевиќ, капитенот Гоце Ојлески и голманот Кристијан Пилиповиќ во разговор со дописничката на МИА изразија задоволство како од резултатот, така и одличната игра, но и посочија дека ништо не е завршено и потребна е добра игра и на реваншот на домашен терен.
– Сигурно сум задоволен, Олимпијакос има сјаен тим, како што реков и вчера, можеби е нивниот најдобар тим во последните десет години. Да се победи на ваков „жежок“ терен со пет разлика е навистина добро, меѓутоа не е готово. Сега ќе бидеме под притисок и на домашен терен и поради резултатот, така што треба да се „спуштиме на земја“ да се подготвиме за добар натпревар и вака да одиграме и дома, рече Ројевиќ во разговор со дописничката на МИА од Атина.
-Честитки за мојата екипа и моите момци. Навистина одигравме одличен натпревар. Сите го дадовме својот максимум и мислам дека денеска заслужено победивме, меѓутоа морам да кажам дека сè уште ништо не е завршено и не е готово. Имаме реванш во Охрид за шест дена и мора иста игра да пружиме и таму ако сакаме да се пласираме во полуфиналето, посочи за МИА капитенот Ојлески.
Голманот Кристијан Пилиповиќ имаше 16 одбрани, бројка која ни самиот не ја знаеше веднаш по натпреварот и како што низ смеа рече ќе треба да се провери статистиката.
– Многу сум горд како влеговме во овој двомеч. Олимпијакос е многу многу сериозна екипа, влеговме без респект, верувавме во нас и тоа го покажавме. Но не е ништо завршено. Имаме уште 60 минути се може да се случи, но потребни ни се навивачи во сала и да одиме во полуфинале, истакна Пилиповиќ.
По заслужената победа сред Атина, следеше славење во соблекувалната.
Натпреварот во спортската сала „Јанис Котакис“ во атинската населба Илиуполи, која не беше целосно исполнета, помина без никакви проблеми, групата од околу 100 навивачи на Олимпијакос генерално фер и спортски го бодреа нивниот тим, иако одвреме навреме не изостанаа и исвиркувања до гостите од Охрид, особено кога имаа напад или седмерец.
На натпреварот во Атина немаше македонски навивачи, исто како што на натпреварот во Охрид нема да има навивачи на грчкиот клуб, со оглед на тоа што двете екипи се договорија да не вршат продажба на билети на гостински навивачи.
Реванш натпреварот во Охрид ќе се одигра в сабота на 4 април во 18 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.
март 30, 2026

