Connect with us

Свет

Француски „Мистрал“ обезбеди 720 милиони евра за ВИ-центар за податоци кај Париз

Француската компанија „Мистрал АИ“ соопшти дека обезбедила 720 милиони евра за финансирање изградба на центар за податоци во близина на Париз, дополнително забрзувајќи ги инвестициите во сопствена инфраструктура за развој на вештачката интелигенција.

Планирано е објектот да има капацитет од 44 мегавати и околу 13.800 графички процесори, а се очекува да почне со работа во второто тримесечје од оваа година. Финансирањето го обезбеди конзорциум од седум глобални банки, вклучувајќи ги „БНП парибас“, „ХСБЦ“ и „Кредит агрикол“. „Мистрал“ се обидува да се натпреварува со американските компании, како што се „Опен-АИ“ и „Антропик“, иако има значително помали финансиски ресурси. Новите средства наводно ќе бидат насочени кон центар за податоци што ќе користи илјадници графички процесори „Н-видија“, објави „ЦНБЦ“.

Француската компанија има за цел да достигне вкупен капацитет од 200 МВ низ цела Европа до крајот на 2027 година. Извршниот директор на „Мистрал“, Артур Менш изјави дека проширувањето на инфраструктурата е клучно за Европа да ја одржи својата технолошка самостојност и да им овозможи на компаниите и институциите да развиваат свои решенија за ВИ, без да се потпираат на други чинители околу облак-услугите.

„Мистрал“ досега собра околу 2,5 милијарди евра, но тоа е сепак значително помалку од нејзините американски конкуренти – според платформата „Дилрум“ со седиште во Амстердам, Холандија, „Опен-АИ“ собрала околу 180 милијарди долари, додека „Антропик“ има околу 59 милијарди долари.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4