Политика
Филипче: ЕУ значи повеќе пари и до 40 милијарди евра, повисоки плати и пензии
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција порача дека членството на Македонија во ЕУ носи конкретни придобивки за граѓаните и напредокот на државата. Филипче посочи дека европската интеграција значи подобар животен стандард, пристап до 40 милијарди евра фондови и сигурна иднина.
„За македонскиот народ, членството во ЕУ значи интеграција како Македонци кои говорат македонски јазик, рамноправни во големото европско семејство. За сите наши граѓани, членството во ЕУ носи пари, носи пристапни фондови до 40 милијарди евра, поголеми плати, повисоки пензии, подобро образование, подобра инфраструктура, подобро здравство, и секако правда“, рече Филипче.
Тој потенцираше дека Македонија е создадена да напредува, а не некој да ја краде и да ја држи изолирана како што тоа го прави владата на премиерот Мицкоски.
„Македонија е создадена за да оди напред, да напредува, да биде слободна, демократска и европска земја. Македонија не е создадена за власта да ја краде, да го пљачка народот, и да ја држи во неизвесност. Ова е прашање за иднината на државата.Немаме децении за губење. Тоа се нашите животи, тоа се животите на нашите деца, и на нашите внуци“, рече Филипче.
Воедно, на прес-конференцијата, Филипче порача дека борбата за европска иднина ќе продолжи со уште поголема решителност.
„Јас нема да дозволам, СДСМ нема да дозволи да ја снема оваа тема. Да ја снема желбата, да го снема сонот на нашите граѓани за Европа. Напротив ќе се борам, ќе се бориме уште посилно и уште по одлучно. Борбата допрва почнува, ќе ја вратиме нашата држава на европскиот колосек, како што ја внесовме во НАТО така ќе ја внесеме Македонија и во Европска Унија“, нагласи Филипче.


