Connect with us

Регион

Елисејската палата домаќин на косовскиот премиер: Разговори за интеграција и воени капацитети

Безбедноста на Косово и односите со Србија, поврзани со дијалогот во Брисел и спроведувањето на договорот за целосна нормализација на односите, беа темите за кои косовскиот премиер Албин Курти разговараше со претседателот на Франција, Емануел Макрон, во Елисејската палата во Париз, објави косовскиот сајт „Коха диторе“.

Според соопштението од кабинетот на Курти, на средбата било нагласено континуираното позитивно учество на НАТО во Косово преку мисијата КФОР, како и мисиите на ЕУ.

„Премиерот Курти истакна дека Косово целосно ја следи надворешната и одбранбената политика на Унијата. Тој побара поддршка од Франција за евроинтеграцијата на Косово и членството во меѓународните организации“, се наведува во изјавата. Курти зборувал и за изградбата на локалните одбранбени капацитети и соработката со сојузниците.

Од друга страна, српскиот претседател Александар Вучиќ претходно за телевизија „Прва“ изјави дека Курти ќе му постави две барања на Макрон. Вучиќ тврди дека Курти ќе бара НАТО да ги повлече своите сили од граничната зона за да може Косово „да ги воведе Косовските безбедносни сили во копнената зона на безбедност“. Исто така, според Вучиќ, Курти ќе бара Франција да ѝ постави услов на Србија српското оружје никогаш да не се користи против Албанците.

„Се надевам дека никој во НАТО нема да помисли да го поддржи тоа барање, сигурен сум дека мојот пријател Макрон нема да го поддржи. Тоа би било директен напад врз мирот и цела Србија“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател денеска за РТС коментираше дека Србија сака мир, но дека само тој, како врховен командант, може да ја ограничува употребата на српското оружје.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2