Општини
Тринаесетто издание на Ораторските вечери на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“
Искра Постолова од редот на студентите и Илина Донева од редот на средношколците ги однесоа наградите од Комисијата на Ораторска вечер на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип. Даница Лефкова, пак, го освои првото место со гласовите од публиката.
На тринаесеттото издание на Ораторска вечер на УГД се слушнаа 13 инспиративни говори, а Ораторската вечер поминаа во одлична атмосфера и пред преполна сала. Годинава говорите на младите студенти и средношколци се задржаа околу трагедијата во Кочани, корупцијата во системот, немањето правда и фер услови за сите.
Сите учесници добија сертификат и пофалница за учеството, а најдобрите добија и парични награди обезбедени целосно од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.
-Ова е еден од оние настани кои со текот на времето добиваат посебна вредност. Не само затоа што се одржуваат секоја година, туку затоа што стануваат дел од идентитетот на Факултетот и дел од искуството на многу генерации. Денес можеме да кажеме дека овие вечери се простор, каде што се развиваат вештини, самодоверба, јасност на мислата, способност за аргументација и можеби најважното, храброст да се застане зад сопствен став и да се зборува пред публика-рече деканката на Правниот факултет Билјана Тодорова.
На Ораторската вечер настапија студенти од повеќе факултети во рамките на УГД-Штип, но и голем број средношколци од средните училишта во регионот.
март 28, 2026

