Свет
Медведев: Русија од почетокот на годината регрутира над 80.000 војници
Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, во интервју за „РИА новости“ изјави дека од почетокот на годината Русија регрутирала над 80.000 луѓе.
– Покрај редовните војници по договор, моментно регрутираме војници за беспилотни летала. Ова е нова тема, но исклучително важна. Од почетокот на 2026 година повеќе од 80.000 луѓе потпишале договори за воена служба. Оваа бројка ги вклучува и волонтерите. Ова претставува значително зголемување на бројот на припадници на вооружените сили, кои не само што потпишале договори туку и пристигнале на своите места на служба. Во овој момент нема потреба да се прогласува нов бран на мобилизација – истакна Медведев.
Русија минатата година регрутира повеќе од 400.000 доброволци, односно војници по договор.
Медведев наведе и дека набавките за одбрана се одвиваат „по утврден план“, одобрен од претседателот Владимир Путин.
– Успеавме да постигнеме многу високи стапки на производство на широк спектар на оружје, воена опрема и средства за уништување. Инаку, едноставно не би можеле да се бориме бидејќи целиот западен свет се бори на страната на нашиот непријател, а ние самите снабдуваме сè. Значи, во овој поглед тие не треба да се грижат. Нашето оружје е во добра состојба и доколку е потребно, ќе го употребиме – наведе Медведев.
март 28, 2026

