Општини
Интерактивна трибина во Македонска Каменица: „Семејството како крст“
Во Македонска Каменица денес се одржа интерактивна трибина на тема „Семејството како крст“, организирана од локалната епархија, посветена на значењето на семејните вредности и духовниот живот во современото општество.
Настанот собра бројни верници, претставници на црковни организации, градоначалници, како и граѓани кои сакаа да се вклучат во дискусијата за предизвиците и благословите на семејниот живот.
-Семејството претставува темел на секое општество. Тоа е местото каде се раѓаат љубовта, почитта, одговорноста и верата. Во својот говор, организаторите нагласија дека семејството, како и што сугерира темата, не е само благослов, туку и крст — товар кој бара посветеност, жртва и трпение. Токму преку овие предизвици се гради силата на поединецот и заедницата, а семејството станува колективен извор на мудрост и духовна сила, истакнаа на трибината од свештенството при Делчевско-каменичката епархија.
Особено внимание беше посветено на улогата на родителите во воспитувањето на децата, како и на значењето на заедничката молитва, духовната поддршка меѓу членовите на семејството и зајакнувањето на меѓусебната почит.
Организаторите потенцираа дека заедничкиот напор на семејството да ги живее христијанските вредности има долгорочен ефект не само врз индивидуата, туку и врз целата заедница.
Настанот понуди и практични насоки и совети за справување со секојдневните предизвици во семејниот живот, како и начините на кои секој може да придонесе за хармоничен и духовно богат дом. Учесниците имаа можност да поставуваат прашања, да споделуваат свои искуства и да добијат духовни насоки од страна на водечките лица од епархијата.
На настанот свое учество покрај г. Марко, епископ на Делчевско-каменичката епархија и психијатар д-р Билјана Георгиевска.
-Ваквите трибини се клучни за продлабочување на свеста за значењето на семејните врски, поттикнување на духовната зрелост и градење на здрави, стабилни и хармонични заедници. Преку дијалогот и размената на искуства, сите присутни се охрабруваат да бидат подобри родители, сопружници и членови на своите семејства, како и активни носители на позитивни промени во општеството, подвлече Георгиевска.
март 28, 2026

