Скопје
Ѓорѓиевски се сретна со проектантите на БРТ системот
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, имаше работна средба со проектантите на БРТ (Bus Rapid Transit) системот, на која детаљно биле презентирани решенијата, намената и техничките аспекти на проектот. На средбата се разговарало за трасите, начинот на функционирање, како и за придобивките што овој систем ќе ги донесе за градот и за граѓаните.
– Со реализацијата на овој проект се очекува значително намалување на сообраќајниот метеж, скратување на времето на патување и намалување на загадувањето. БРТ претставува стратешка инвестиција во иднината на Скопје и чекор кон достигнување европски стандарди во јавниот превоз и урбаното живеење – велат од Град Скопје.

По средбата, градоначалникот најавил воведување брз, модерен и целосно еколошки автобуски превоз, кој ќе претставува значаен исчекор кон унапредување на јавниот транспорт во Скопје. БРТ-системот е замислен како метро на тркала, со посебни сообраќајни ленти, приоритет на раскрсници и висока фреквенција на возила, што ќе овозможи побрз, посигурен и предвидлив превоз.
Проектот предвидува изградба на две главни линии – Исток – Запад и Север – Југ, воведување современи нископодни автобуси на CNG/хибриден погон, како и поставување паметни станици и информативен систем за патниците. Воедно, системот ќе биде целосно интегриран со управувањето на сообраќајот во градот.
Особено било нагласено дека трасата на БРТ нема да поминува низ средишното зеленило, со што се заштитуваат важни природни ресурси, вклучително и водоснабдувањето на градот. Наместо тоа, системот ќе се движи по крајните сообраќајни ленти, а дополнително ќе се предвиди ново зеленило како природна бариера.
март 28, 2026

