Connect with us

Свет

Балтичките држави бараат засилување на воздушната одбрана по инцидентите со дронови

Естонија, Летонија и Литванија побараа од НАТО да ја засили воздушната одбрана откако повеќе беспилотни летала на нивна територија, јави ДПА.

„Напорите на НАТО за зајакнување на воздушната одбрана, вклучително и справувањето со дроновите, мора да се забрзаат. Сојузниците итно треба да ги зајакнат капацитетите за ефикасно откривање и пресретнување“, се наведува во заедничката изјава на министрите за одбрана на трите земји.

Оваа недела украински дронови навлегоа во воздушниот простор на секоја од трите држави и се урнаа. Летала биле користени од Киев во напади врз цели во северозападна Русија, а засега нема извештаи за повредени лица или за значителна материјална штета.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, беспилотни летала повеќепати навлегуваат во воздушниот простор на балтичките држави кои граничат со Русија. Министрите за одбрана – Хано Певкур, Андрис Спрудс и Робертас Каунас – истакнаа дека овие инциденти ја нагласуваат потребата од дополнителни инвестиции и зголемена подготвеност. Тие упатија повик за континуирано зголемување на трошоците за одбрана во ЕУ, со јасно дефинирани приоритети.

Украина се брани од руската инвазија повеќе од четири години. Во услови на интензивна употреба на дронови, летала чии системи се попречени од мерки за електронско дејствување можат да претставуваат ризик за соседните земји.

„Сегашното присуство на авионите на НАТО и на системите за воздушна одбрана во балтичките држави мора да се одржи и дополнително да се засили за справување со сите воздушни закани, вклучително и беспилотните летала“, додаваат министрите.

Балтичките држави немаат сопствени борбени авиони, па од 2004 година нивниот воздушен простор го штити НАТО преку ротирачко распоредување на сојузнички сили. По повторените нарушувања на воздушниот простор од руски авиони и „камиказе-дронови“, НАТО во септември 2025 година ја започна операцијата „Источен стражар“ (Eastern Sentry) за зајакнување на надзорот и воздушната одбрана во регионот.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2