Општини
Во паркот во Облешево ќе се гради спомен-обележје посветено на младите што ги загубија животите во пожарот во „Пулс“
Советот на Општина Чешиново-Облешево на последната седница едногласно донесе одлука за изградба на спомен-обележје посветено на младите лица, жители на оваа општина, кои ги загубија животите во пожарот во „Пулс“ минатата година.
Предлогот беше поднесен од градоначалникот Јорданче Костадинов и доби целосна поддршка од советниците, при што беше истакнато дека за неговата реализација е остварена координација и со семејствата на починатите.
Планирано е спомен-обележјето да биде поставено во паркот во Облешево, во непосредна близина на зградата на општината, на просторот каде што во моментов се наоѓа фонтана, која е нефункционална.
Градоначалникот Костадинов посочи дека идејата произлегла од заеднички средби со семејствата на жртвите, со цел да се обезбеди соодветно место за оддавање почит.
Од локалната самоуправа информираат дека службите од Секторот за урбанизам веќе работат на подготовка на потребната документација, за проектот да се реализира согласно важечките законски процедури.
Со оваа одлука, Чешиново-Облешево најавува создавање трајно обележје кое ќе ја зачува меморијата за трагично загинатите и ќе служи како место на сеќавање.
март 27, 2026

