Connect with us

Вести

Средношколски дијалог со Сиљановска-Давкова: Учениците треба да бидат личности што размислуваат и низ своја призма ги оценуваат нештата

Во организација на Советот за млади при Кабинетот на претседателката, денеска во Вила Водно се одржа „Средношколски дијалог со претседателката“, на кој ученици од повеќе средни училишта од главниот град разговараа со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за теми што директно ги засегаат младите, како што се безбедноста во и надвор од училиштата, медиумската писменост, зависностите и предизвиците со кои се соочуваат денешните генерации. 

На дискусијата учествуваа претставници од средношколските заедници од повеќе средни училишта во Скопје и младински амбасадори на Сојузот на средношколци.

Претседателката во своето обраќање истакна дека критичкото мислење е клучно за развојот на личноста и општеството, порачувајќи дека очекува средбите меѓу Советот за млади и средношколците да зачестат за многу актуелни прашања и дека „се уште е професорка на привремена работа во политиката“.

-Најдобро е критиката да се чуе пред нешто, а не отпосле… Учениците не треба да бидат само енциклопедии што меморираат, туку личности што размислуваат и низ своја призма ги оценуваат нештата – нагласи Сиљановска-Давкова.

Таа се осврна и на своето искуство како професорка, посочувајќи дека гимназиските денови се едни од најубавите во животот и изрази зачуденост што дел од младите денес немаат интерес за учење и читање. На учениците им ја препорача книгата „Светот на Софија“ од Јустен Гордер, како начин да се развие љубов кон филозофијата и размислувањето.

Претседателката потенцираше дека читањето книги е од суштинско значење, особено во време кога младите повеќе време поминуваат на интернет.

-Во книгите има многу важни нешта. Многу е важно да читате, ама и да размислувате за тоа што е напишано. Без дијалог нема политика, без дијалог нема добро учење, значи најважното е за да вреднувате еден ученик да видите дали размислуваат и имаат став. Најдобар успех за еден професор е кога ќе си замине да остави зад себе критичар, некој што се одважувал да рече, извинете професорке многу го почитувам вашето мислење, но јас мислам поинаку – рече Сиљановска-Давкова.

Говорејќи за политиката, Сиљановска-Давкова истакна дека досадно е она „на младите им припаѓа иднината“, нагласувајќи дека ако не ви припаѓа сегашноста, тешко дека ќе ја обликуваат иднината. Таа додаде дека политиката денес често се сведува на распределба на ограничени ресурси, што може да доведе до клиентелизам, но посочи дека нејзината мотивација за влез во политиката е борбата и оти инспирација и е Мери Робинсон, ирска интелектулка и концептот на „келтските тигри“.

-Политиката е ирационална работа, не знаеме што ќе се случи. Не можеме сами иднината да ја креираме. Некогаш може да излезе нешто, што апсолутно не сте можеле да го предвидите, оти ирационални работи одлучуваат. Далеку е во мојата сфера дека политиката е уметност на можното. Не, за жал, политиката денеска во светот е кој, кога и како добива. Добрата се секогаш ограничнени, а потребите и желбите на луѓето се неограничени. Е тогаш, се случуваат нешта што водат во клиентелизам… тоа е грешно, ние мора да се бориме за најдобрите да бидат најдобрите места – порача Сиљановска-Давкоа.

На крајот, Претседателката ги охрабри младите да разговараат, да ги почитуваат различните мислења и да бараат компромиси.

-Политиката започнува таму каде што има различни ставови. Потребен е респект за различното мислење за да се дојде до решение, која е логиката на компромис меѓу истомисленици, компромис има меѓу луѓе со различни ставови – порача Сиљановска-Давкова.

Сиљановска-Давкоа, најави дека наскоро Канцеларијата во Центарот на Скопје ќе биде отворен за млади и граѓани, и кој, како што нагласи, ќе може да се користи за изложби, литературно читање или дебати.

Претседателот на Сојузот на средношколци Виктор Јакимов, порача дека претставува голема чест да се присуствува на ваков настан, организиран, како што рече „во духот на отворен дијалог и заедничка посветеност кон младите“.

-Ние веруваме дека младите не треба само да бидат слушнати, туку и активно вклучени во процесите кои ги засегаат. Затоа, денешната средба е особено важна и таа претставува можност сите присутни отворено да ги споделат своите мислења, ставови и предлози за темите, затоа што секое мислење е вредно и секој глас може да придонесе кон позитивни промени – порача Јакимов, изразувајќи благодарност до Претседателката за издвоеното време и поддршка. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 4