Connect with us

Култура

Потпишан меморандум за културна соработка меѓу загрепскиот Музеј за ументости и занаети и Националната галерија на Македонија

Вчера, во македонскиот КИЦ во Загреб беше потпишан меморандум за културна соработка меѓу Музејот за уметност и занаети во Загреб и Националната галерија на Република Македонија во Скопјe. Договорот го потпишаа директорот на Музејот во Загреб, Сањин Михелиќ, и директорот на Националната галерија на Македонија, Али Синани, и програмскиот раководител и виш кустос, Маја Крстевска.

Меморандумот е резултат на воспоставеното партнерство и успешна имплементација на заеднички проекти помеѓу загрепскиот Музеј за уметност и занаети и македонскиот КИЦ во Загреб, што дополнително ги зајакнува културните врски меѓу двете земји.

Мими Ѓоргоска-Илиевска, директорка на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, истакна: „Потпишувањето на овој меморандум претставува важен чекор во зајакнувањето на културната соработка меѓу двете земји. Македонскиот КИЦ во Загреб игра значајна улога во поттикнувањето и продлабочувањето на соработката меѓу македонските и хрватските институции во интерес на промоција и афирмација на културните вредности на двете земји“.

Целта на меморандумот е зајакнување на меѓународната соработка меѓу двете институции преку презентација и промоција на уметничкото и културното наследство на Република Хрватска и Република Македонија, како и развој на заеднички и индивидуални програми. Ова дополнително ги зајакнува капацитетите на двете институции со посебен акцент на поврзување на нивните богати фондови, од историски колекции до современа уметност и уметнички занаети.

Директорот на Националната галерија на Република Македонија, Али Синани, во оваа пригода истакна: „Верувам дека потпишувањето на овој меморандум ќе овозможи размена на знаења и искуства и ќе отвори нови можности за вмрежување меѓу македонските и хрватските културни работници и уметници“.

„Особено сме задоволни што оваа година ќе реализираме две изложби во Македонија, со што веднаш ќе ја трансформираме оваа соработка во конкретна и видлива културна програма за публиката во двете земји“, рече директорот на загрепскиот Музеј на уметности и занаети, Сањин Михелиќ.

Воспоставената соработка со загрепскиот Музеј за уметности и занаети ќе се конкретизира преку низа идни проекти, меѓу кои веќе во октомври и ноември оваа година се издвојуваат две значајни изложби: „Менче Спировска: визуелни фасцинации на Загреб“, во галерискиот простор „Мала станица“ на Националната галерија на Република Македонија во Скопје и „Арсовски – фотографи“ во Музејот на град Скопје. Овие изложби на Музејот за уметности и занаети минатата година беа претставени пред хрватската публика во македонскиот КИЦ во Загреб.

„Оваа иницијатива ја потврдува важноста на меѓународното вмрежување на културните институции и придонесува за развој на поквалитетни и поразновидни културни содржини достапни за пошироката публика“, истакна Маја Крстевска, виш кустос и програмски раководител.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3