Општини
Петти регионален форум за кибербезбедност на ЈИЕ во Охрид: Киберзаканите се реален глобален предизвик
Ризиците и опасностите со кои се соочуваат државите и општествата кога е во прашање кибербезбедноста е тема на дискусија во рамките на 5. Интерпарламентарен форум на делегации од државите од Југоистична Европа во Парламентарното собрание на ОБСЕ, што од денеска се одржува во Охрид.
Иако Македонија како држава засега не е на директна линија на меѓународни кибернапади, сепак мора да гради свои механизми за заштита од ризиците што отворено постојат и што веќе искуствено се манифестираат во државите од соседството.
– Сериозни држави размислуваат чекор напред како држава и мора да сме подготвени да ги превенираме евентуалните такви случаи. Ова е додадена врадност на сè она што го правиме и досега во одбрана и заштита од кибернапади – рече претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој се обрати пред учесниците.
Тој нагласи дека основната идеја на ваквите форуми е како заеднички да се креира колективна безбедност од кибернападите и да се обезбеди квалитетна одбрана во оваа област како преку меѓународните организаци, на пример, ОБСЕ, така и преку засилена регионална соработка.
Тој посочи дека Македонија мошне добро стои кога се во прашање конкретни малициозни активности или некакви реални закани врз безбедноста од кибернапади, дека засега апсолутно нема никави сознанија оти некои од државните институции се цел на напади, но, како што рече „тоа може да се смени“, па оттаму и потребата од засилени активности за превенција, заштита и одбрана од дигитални напади.
– Оваа тема сметаме дека е предизвикувачка дотолку повеќе знаејќи ги последните случувања на Блискиот Исток. Можеме да се одбраниме од заканите само доколку работиме заеднички и ги спознаеме ризиците. Собранието како институција има донесено стратегија за целосна дигитализација до 2028 година. Работиме фокусирано, со капацитетите што ги имаме, но и преку меѓународните организации. Токму ваквите собири убедени сме дека ќе помогнат во доусовршување на алатките, процесите, механизмите за одбрана од секакви, па и кибернапади – рече Гаши.
Проф. д-р Методи Хаџи Јанев, специјалист за дигитализација и кибербезбедност, од своја страна, истакна дека опасностите од кибернапади никогаш не престануваат затоа што самите актери, кои претставуват закана, се од разни профили и доаѓаат со разни мотиви.
Тој посочи дека тоа може да бидат обични криминалци, може да бидат прокси-актери што работат за друга држава или, пак, актери најмени да завршат одредена активност. Со оглед на тоа што киберкриминалот претставува закана и за јавната, но и за националната безбедност, тоа, како што рече, значи дека никој не е сосема безбеден или, пак, не се соочува со ризик.
– Со навлегувањето на дигитализацијата во сите сфери на општеството постои конвергенција на два света – физичкиот и виртуелниот, односно дигиталниот, што не се сосема усогласени, оставајќи празнини кои разни малициозни актери сакаат да ги пополнат во свој интерес и насока – рече Хаџи Јанев
Коментирајќи ја актуелната светска ситуација од аспект на случувањата на Блискиот Исток, Хаџи Јанев смета дека Македонија засега не е на директна линија на напади на иренските хакери.
– Но во услови на забрзана дигитализација, која носи многу позитивни апсекти, мора да бидеме максимално внимателни и претпазливи. Кибербезбедноста претставува сериозен столб на целата дигитализациска резистентност – рече тој.
Моника Зајкова, шеф на делегацијата на Северна Македонија во ПС на ОБСЕ, од своја страна, посочи дека Форумот во Охрид се одржува во значаен момент, со оглед на засилените киберзакани насочени кон регионот.
Зајкова истакна дека кибернападите се реално нов предизвик пред светот. Целта на овој собир во Охрид, како што рече, е да се разменат искуства и идеи во делот како да се подобрат капацитетите што би одговориле на кибер- и на хибридните напади.
– Ризик секогаш постои. Никој не смее да мисли дека е целосно безбеден, особено кога се работи за напади што доаѓаат на поинаков, некласичен начин. Тука ќе биде потпишана декларација на државите од ЈИЕ за тоа како заеднички би постапувале доколку дојде до такви напади. Јас лично од сите делегации ќе побарам ратификација на Конвенцијата на ОН во националните парламенти, а која се однесува токму на ова прашање – рече таа.
На конференцијата во Охрид беше посочено дека во секоја од државите има институции што лесно можеле да бидат цел и оттаму потребата постојано да се работи и да се унапредуваат начините и методите за справување со хибридните кибернапади. Експертите во Охрид ќе дебатираат, ќе ги изложат своите ставови, ќе дадат своја експертиза, сè во насока на поглема резистентност кон современите предизвици пред кои се исправени државите од ЈИЕ, како и изнајдување начини за засилена колективна безбедност.
март 27, 2026

