Скопје
Модата како културна архитектура – 32 сезони подоцна
Од денеска до 29 март ќе се одржи 32-то издание на Fashion Weekend Skopje, којшто, според организаторите, го позиционира Скопје како активен учесник во глобалниот моден разговор.
-Домаќин на оваа пролетна енергија е „Дајмонд мол“, современ урбан простор што ја рефлектира токму таа трансформација: отворен, флексибилен, европски. Со поддршка на УНИБанка како генерален партнер, ова издание ја нагласува модата како економска и културна сила, индустрија што создава вредности, ја поттикнува дигиталната трансформација и ја нормализира одржливоста како дел од новата деловна етика, соопштија организаторите.
Програмата, како што најавуваат, ќе започне со презентација и ревијален приказ на три кинески модни и накит дизајнери, со поддршка на кинеската Амбасадата во земјава, со што публиката ќе искуси синтеза на традиционални и современи естетики, а дискусијата што ја следи ќе ја отвори темата за модата како дел од националниот идентитет, како материјализирана историја што се носи на телото.
Во рамки на Erasmus+ иницијативата Green DigiFashTech Manager – двегодишен европски проект финансиран од Европската Унија и поддржан од Green Land Group, Македонското модно здружение и FWSK ја претставуваат изложбата „3D & AI во модата“. -Изложбата и придружните дебати ги мапираат регионалните практики на пресекот помеѓу модата, 3D технологијата и вештачката интелигенција, со фокус на новата генерација дигитални креативци. Во програмата се вклучени дела и проекти на Никола Ефтимов, Ангела Доневска, Емилија Славкова, Александра Филипова и BlackBello, Цветанка Гаревска Јаневска, Lirka и Bastet Noir, велат организаторите.
-Посебна димензија на проектот носи традиционалната соработка со Академијата за графички дизајн при Семос Едукација. Седумнаесет студенти и алумни, под менторство на Бојан Буџаровски и Ерина Богоева, развија повеќе од 33 креативни решенија за насловната тема на FWSK32, користејќи AI и дигитални алатки. Официјалната насловна визуелизација за оваа сезона е дело на Едита Зекировиќ. Сите дела ќе бидат претставени во рамки на курирана фото-изложба за време на FWSK32, како доказ дека иднината на визуелниот јазик е веќе присутна, посочуваат од Fashion Weekend.
Оваа сезона, FWSK го претставува и меѓународниот проект „Зелена и одржлива мода: Нордиско-балтичката приказна“, со којшто земјава ќе биде домаќин на дизајнерска резиденција што ќе обедини десет дизајнери од нордиско-балтичкиот регион и од земјава. Заедничката визија е јасна: одржливоста не е тренд, туку долгорочна индустриска стратегија. Резиденцијата ќе резултира со капсулна колекција и уметнички објекти што ќе бидат претставени во рамки на Моден Викенд Скопје. Проектот е организиран од Амбасадата на Шведска во земјава, во партнерство со Канцеларијата на Амбасадата на Литванија, Амбасадите на Данска, Финска и Норвешка во Србија и Македонското модно здружение, со поддршка од Нордискиот совет на министри.
Овој модел на прекугранична соработка ја нагласува трансформативната моќ на заедничкото создавање во време на глобални индустриски предизвици.
Во рамките на своите проектни активности, Ротари клубот Скопје Центар го овозможи електронското издание на книгата „Облеката и модата, од историјата до денес“ од Зорка Тодорова- Младеновиќ. Културата не се создава сама, таа се гради со визија и со луѓе што веруваат во неа. Посветена на приказната што досега не била раскажана – приказната за историскиот костим и модата во светот и во Македонија, нивниот развој, креативна енергија и културен белег, оваа книга ќе добие своја печатена форма и ќе стане дел од културното наследство за идните генерации, редок документ на македонски јазик и сведоштво за облекувањето низ вековите и денес.
март 27, 2026

