Вести
Конференција за интернационализација на високото образование во Западен Балкан и негово приспособување на новите предизвици
Да ги искористиме заедничките потенцијали, инфраструктрата, опремата и човечките ресурси со цел да станеме повидливи и како покрупна единица да се вклучиме во европските процеси – рече министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска со очекувањата од дводневната регионална конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“ во Скопје, која МОН ја организира во партнерство со Советот за регионална соработка (СРС) и Светската банка.
На конференцијата учествуваат претставници од министерства, универзитети, академици, истражувачи, креатори на политики, претставници на индустријата, работодавачи, експерти и студенти од шесте земји на Западен Балкан. Конференцијата е конципирана како платформа за поврзување луѓе, идеи и институции, кои ќе придонесат за обликување на следната фаза од реформата на високото образование во регионот.
Во изјава за медиумите министерката Јаневска посочи дека целта на конференцијата е, пред сè, да се придонесе во стекнување знаење, вештини и компетенции на студентите во регионот, подобрување на квалитетот на академскиот кадар и унапредување на економијата.
– Затоа што економијата е тесно поврзана со образованието, но со научните достигнувања, технолошкиот развој и сè што претставува иновација, за да може да се примени во стопанството. Сметам дека дискусиите во овие два дена ќе овозможат подобро разбирање, што можеби на крајот ќе резултира со регионална стратегија – генерално за подобрување на квалитетот на високто образование, на научноистражувачката мисла, на претприемаштвото, на сè она што треба да нè направи посилни и поотпорни на секакви влијанија. Ако успееме да стигнеме до тоа, ќе биде навистина во корист на сите нас, а и билатерланите соработки, поединечни или во групи, ќе бидат одличен резултат од оваа конференција – изјави Јаневска.
Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (СРС), Амар Капетановиќ, рече дека собирот во Скопје е важен зашто во овие два дена се дискутира како високото образование во регионот да се приспособи на новите предизвици, пред сè, на пазарот на тридот и на ИК-технологијата и вештачката интелигенција.

– Многу е важно да се обидеме да најдеме заеднички модалитети како тоа да го правиме на ниво на регионот. Советот за регионална соработка веќе одамна почна со тоа преку фацилитација на неколку многу важни спогодби за мобилност на професионални и академски квалификации во регионот. Кога зборуваме за интернационализација на високото образование, многу е важно да се работи на создавање универзитетски и кластери на извонредност во регионот. Во иднина со Светската банка и со други партнери ќе работиме и на тоа. Така што оваа конференција има повеќе од симболично значење и се надевам дека од конференцијата ќе има конкретни заклучоци, кои ќе нè обврзат да направиме сè за да се случат реформи во високото образование. Најважен заклучок ќе биде да произведуваме знаење во согласност со потребите на пазарот на трудот и со тоа да одиме во пресрет на новите предизвици во иднина – изјави Капетановиќ.
Ксијаогинг Ју, директорка на одделот за Западен Балкан, Европа и Централна Азија во Светската банка, која, како и СРС, е партнер на МОН во организирањето на дводневната регионална конференција, очекува резултати во подигнување на квалитетот на високото образование.

– Оваа конференција се фокусира на прашања како да се искористи мобилноста на знаењето за навистина да стане ресурс што ќе може ефективно да се искористи, како да се подобри унапредувањето, на начин што нема да биде базиран на проекти, туку управување што ќе биде системски базирано. Конференцијата се фокусира и на подобрување на квалитетот, ангажирање интердисциплинарни, меѓународни експерти, интернационална соработка. Светската банка постојано поддржува реформи во образованието во Северна Македонија, даваме поддршка во предучилишното, училишното и во виското образование. Со нетрпение очекуваме да ги продолжиме соработката и поддршката и на оваа регионална иницијатива – додаде претставничката на Светската банка.
Конференцијата, која се одржува под покровителство на МОН, е конципирана како платформа за поврзување луѓе, идеи и институции, кои ќе придонесат за обликување на следната фаза од реформата на високото образование во регионот. Учесниците денеска и утре ќе дискутираат за конкурентноста на универзитетите и нивната усогласеност со европските и глобалните стандарди, иновациите и дигиталните вештини, особено во СТЕМ-областите, политиките за мобилност и создавањето услови младите да учат, истражуваат и работат во разни земји, а стекнатото знаење да се враќа во регионот, како и за јакнење на соработката насочена кон споделување најдобри практики и искуства.
март 27, 2026

