Култура
„Кој сум јас?“ – премиера на Театар Комедија
Претставата „Кој сум јас?“ на Митко Чешларов, во режија на Наташа Поплавска, вечер премиерно ќе биде изведена на сцената на Театар Комедија. Со оваа претстава, театарот ќе го одбележи 27 Март, Светскиот ден на театарот, како и својот 14-ти роденден.
Во претставата играат: Благој Веселинов, Жаклина Стевковска, Жаклина Петровска, Ева Скендеровска, Матеа Јанковска, Едмонд Сотир, Илија Илиоски, Ана Грамосли и Мина Јелушиќ. Сценографијата е на Војдан Запров, костимографијата на Сара Милевска. За сценските движења е задолжена Ирена Лозинска. Видеодизајнер и фотограф е Емил Петров, а светло дизајнер – Милчо Александров. За изборот на музика е задолжен Александар Јорданов.
-„Кој сум јас?“ е брза и разиграна фарсична комедија за луѓе што играат улоги во сопствениот живот. Луѓе кои кажуваат едно, мислат друго и прават трето. Луѓе кои позајмуваат идентитети како што позајмуваат пари. Луѓе кои зборуваат за вредности, а тргуваат со нешто друго. Во оваа приказна, работите постепено се комплицираат. Малите лаги бараат нови, поголеми лаги. Ситуациите излегуваат од контрола. Токму тука настапува фарсата. Кога лагата ќе се оттурка предалеку, таа почнува да се распаѓа. Телото издава, а маската почнува да попушта. Преку ритам и телесна комичност, се разголува механизмот на лагата. И токму затоа сè е смешно. Бидејќи кога вистината станува апсурдна, единствениот начин да се издржи е преку смеа. Секој има причина да биде тоа што не е. Во таа игра на идентитети, ситуациите стануваат неочекувано тензични, брзи и смешни. Хуморот е жив, понекогаш апсурден, понекогаш болен, но секогаш препознатлив – пишува Оливија Трајковска, асистент на режија и асистент драматург.
„Кој сум јас?“ е 55. премиера на Театар Комедија. Првата премиера на театарот беше во 2012 година.
март 27, 2026

