Регион
Кипарскиот претседател соопшти мерки од 200 милиони евра за поддршка на граѓаните и бизнисите
Дополнително намалување на ДДВ-то за електричната енергија за сите домаќинства; намалување на специјалниот данок на потрошувачка на горива; нула ДДВ за месо и риба; субвенции за платите за вработените во хотелската индустрија; поддршка на авионските компании, како и субвенции за земјоделците, се мерките за поддршка на граѓаните и бизнисите, што кипарскиот претседател Никос Христодулидис ги соопшти и порача дека „економската стабилност претставува национална безбедност“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во телевизиската порака до граѓаните, Христодулидис нагласи дека главната грижа е безбедноста на граѓаните во сите сектори, посочи дека „поради одговорната политика, економијата на земјата е силна и издржлива и дозволува да се вршат ефикасни интервенции, секогаш во корист на граѓаните и општеството“.
– Високите стапки на раст, значителниот буџетски суфицит, ограничениот јавен долг и ниската инфлација – резултати на нашата одговорна економска политика – се фактори што ни овозможуваат оптимално да ги менаџираме последиците од регионалните случувања и ја зајакнуваат способноста на нашата економија да се соочи со надворешни турбуленции, истакна кипарскиот претседател.
За новиот пакет дополнителни мерки што ги соопшти денеска, рече дека имаат за цел дополнително олеснување на домаќинствата и поддршка на реалната економија.
Поконкретно, од 1 мај годинава до 31 март 2027 година дополнително се намалува стапката на ДДВ за електрична енергија на 5 отсто за сите домаќинства; за април и јуни специјалниот данок на потрошувачка на горива се намалува за 8,33 центи по литар; ДДВ-то на месото и рибите од 1 април 2026 до 30 септември 2026 година ќе биде нула, исто како што овошјето и зеленчукот веќе имаат нулта стапка на ДДВ; а планираниот зелен данок за горивата, со кој дополнително би се зголемила цената за 9 центи по литар, нема да се воведе.
Дополнително, како што соопшти Христодулидис, се воведува субвенција од 30 отсто за платите на вработените во хотелската индустрија и се однесува на туристички капацитети што ќе работат без прекин од 1 до 30 април 2026, но и план за дополнителна поддршка на авионските компании за обезбедување непречена поврзаност Кипар со важни туристички дестинации; како и план за субвенции за земјоделците за купување ѓубриво и земјоделски материјали, со покривање на 15 отсто од трошокот за април и мај и план.
– Вкупниот трошок на мерките што ги објавуваме денеска, заедно со веќе постоечките мерки што остануваат во сила, надминува 200 милиони евра. Се работи за мерки целосно проценети и во рамките на буџетскиот суфицит, нагласи Христодулидис.
март 27, 2026

