Connect with us

Свет

Фондација „Бертелсман“: Се зголемува бројот на автократии во светот

Бројот на автократии во светот се зголемува, а демократиите се под зголемен притисок, покажува истражувањето на германската фондација „Бертелсман“, објавено денеска од ДПА.

Таканаречениот „Индекс на трансформација“ (BTI) на фондацијата, со кој е анализираа 137 земји, открива дека 56 проценти од нив сега се управувани на автократски начин, за разлика од ситуацијата пред две децении кога мнозинството беа демократски земји.

BTI индексот покажува дека поради сериозни манипулации на изборите во Грузија и Србија, двете земји се означени како автократии.

Истражувањето истакнува дека во светот доаѓа до поткопување на владеењето на правото, политичките слободи и фер конкуренцијата на пазарот, опишувајќи го овој тренд како длабоко загрижувачки.

Од 77-те автократии, околу една третина од нив се означени како умерени, а две третини се сметаат за „тврди автократии“ каде што основните права во голема мера се игнорираат. Меѓу нив се наброени Русија, Кина, Авганистан, Иран и Северна Кореја.

Индексот, што се објавува на секои две години врз основа на придонесите на околу 300 експерти, го проценува квалитетот на демократиите, управувањето и пазарните економии во периодот од февруари 2023 до јануари 2025 година.

Напредните индустријализирани демократии како Германија, Франција, Обединетото Кралство, Јапонија и Канада не беа вклучени, но студијата истакна знаци на демократска ерозија во САД.

Во автократските системи, слободите на собирање, изразување и печатот често се ограничени, се истакнува во извештајот.

Во 54 проценти од набљудуваните земји, изборите не ги исполнуваат минималните демократски стандарди, а механизмите за контрола врз извршната власт и независното судство се слаби или игнорирани.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3