Connect with us

Економија

Дурмиши: Нема индиции за енормни поскапувања, инспекциите спроведуваат засилен надзор

Мерките што Владата ги презеде во изминатиот период за стабилизирање на цените и заштита на стандардот на граѓаните даваат резултати – изјави денеска министерот за економија Бесар Дурмиши одговарајќи на пратеничкото прашање на Оливер Спасовски за поскапувањата на основните производи.

Министерот посочи дека глобалните пазарни потреси неминовно се одразуваат и врз домашниот пазар, но државата навреме реагирала со намалување на данокот на додадена вредност за нафтата од 18 на 10 проценти, како и со континуирано следење на цените на прехранбените производи.

Тој нагласи дека државава и понатаму има едни од најниските цени на нафтените деривати во регионот и дека како земја со голема увозна зависност е чувствителна на надворешните ценовни шокови.

За спречување евентуални злоупотреби од страна на трговците, Дурмиши информира дека Државниот пазарен инспекторат распоредил 30 мобилни тима, кои вршат засилен надзор врз целиот синџир – од производителите до трговците. До овој момент, како што рече, не се утврдени енормни зголемувања на цените.

– Испраќаме јасна порака дека нема да има толерирање на неосновано покачување на цените или маржите на добивка. Доколку пристигнат индикации за необјасниви поскапувања, подготвени сме веднаш да реагираме – истакна министерот.

Тој додаде дека инфлацијата во последните два месеца е во опаѓање и што, според него, е показател за стабилизирање на економските текови.

– Не тврдам дека ситуацијата е идеална, но факт е дека во краток период успеавме да создадеме стабилност и предуслови за понатамошен раст. Нема да дозволиме кризата да се злоупотреби на штета на граѓаните – рече Дурмиши.

Пратеникот Спасовски, кој го постави прашањето, реагира дека министерот нуди „генерални флоскули“ и дека состојбата на терен не кореспондира со она што го презентира Министерството.

– Мислам дека, освен генерални флоскули, кои ги соопштувате во јавноста, и дека немате информации што се случило, односно не сте земе информација дека се поскапуваат цените, еве јавно е објавено колку поскапеа зејтинот, кафето, меленото месо, пилешкото, млекото и јајцата во само една недела – истакна Спасовски.

Тој додаде дека секој граѓанин го чувствува растот на цените и дека министерот може лесно да се увери. Во однос на изјавата на министерот дека Македонија има најниски цени на горива во регионот, Спасовски рече дека тоа не е факт и дека во моментот дизелот во Словенија е 1,52, а во Македонија 1,55 евро.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4