Connect with us

Свет

Поведена истрага против поранешниот шеф на Фронтекс поради наводно малтретирање мигранти

Апелациониот суд во Париз денеска поведе истрага против поранешниот шеф на агенцијата на ЕУ за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), Фабрис Леџери, поради обвинувања за соучесништво во злосторства против човештвото.

Леџери, кој е европски пратеник од француската крајно десничарска партија Национален сојуз, одби да ја коментира веста за истрагата, велејќи дека не е запознаен со одлуката на судот. Доколку обвинителите подигнат обвинение против Леџери, ќе се бара укинување на неговиот имунитет како член на Европскиот парламент, што би барало парламентарно гласање.

Леџери поднесе оставка од функцијата шеф на Фронтекс во 2022 година по повеќегодишните обвинувања од групите за човекови права дека тоа тело ги малтретирало мигрантите на надворешните граници на ЕУ под негово водство, што почна во 2015 година, на врвот на мигрантската криза во Европа.

Парискиот суд одлучи да ја поведе истрагата на 18 март по жалбата на Француската лига за човекови права (ЛДХ) и здружението за права на мигрантите „Утопија 56“ на претходна одлука на истражен судија да ја отфрли тужбата против Леџери, во која се наведува дека ги поттикнувал агентите на Фронтекс да им помогнат на либиските и грчките власти во пресретнувањето на бродовите со мигранти за да го спречат нивниот влез во ЕУ.

Апелациониот суд пресуди дека постојат причини за поведување судска истрага и утврди дека жалбата е „делумно основана“, наведе неименуван извор.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1