Свет
Кошта: ОН мора да се реформира, но никој не може да ги замени
Обединетите нации мора да се реформираат, но никој не може да ги замени – тие мора да останат основа на мултилатералниот систем, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Тие се единствениот форум со универзален легитимитет и капацитет за поддршка на ефикасна мултилатерална соработка, нагласи Кошта во говорот во Институтот за политички науки во Париз (SciencesPo), обраќајќи се пред студенти и професори од повеќе од сто земји.
Кошта оцени дека светот денес се карактеризира со „растечки хаос, каде што меѓународното право честопати подлегнува на силата, додека мултиполарноста се зајакнува, а средните сили сè повеќе сакаат да играат глобална улога“.
„Секој ден, земјите во развој ја прошируваат својата големина, својата самодоверба и својата моќ. Комбинацијата од двата фактори – ерозијата на почитувањето на меѓународното право и растечката мултиполарност – е најрелевантна за нас денес, најрелевантна за Европската Унија. Па каква треба да биде улогата на Европската Унија во овој контекст? Одговорот доаѓа преку она што јас би го нарекол три П: принципи, партнерства и моќ“, рече тој.
Принципите, додаде тој, значат доследно почитување на меѓународното право и поддршка за мир.
Тој, исто така, нагласи дека партнерствата подразбираат зајакнување на глобалната мрежа на соработка со сојузниците, додека моќта подразбира зајакнување на конкурентноста на европската економија и стратешката одбрана.
„Спротивноста на соработката е конфликтот, спротивноста на правилата е хаосот, и токму тоа го имаме денес. Бидејќи алтернативата на правилата и соработката е војната во Украина, алтернативата е војната на Блискиот Исток, вклучувајќи ја и драматичната хуманитарна ситуација во Газа, алтернативата е војната во Судан и во различни делови од светот. Алтернативата е исто така нарушување на меѓународната трговија и закана за просперитетот на нашите граѓани“, рече тој.
Тој нагласи дека ЕУ ќе продолжи да ѝ помага на Украина сè додека не се постигне праведен и траен мир и ја опиша ситуацијата на Блискиот Исток како загрижувачка.
Тој го повтори повикот до земјите-членки за деескалација, почитување на меѓународното право и почитување на слободата на пловидба низ Ормуската Теснина.
Според Кошта, Европската Унија останува сигурен и предвидлив партнер во брзо менувачкиот свет, а нејзината цел е да обликува нова меѓународна рамнотежа преку мултилатерални партнерства и стратешка автономија.
„Неодамнешните договори со Меркосур и Индија, кои опфаќаат повеќе од две милијарди луѓе, се јасен пример за оваа стратегија. Моментално преговараме, склучуваме или ратификуваме трговски договори со уште 27 земји. Само синоќа, Европската комисија ги заврши преговорите со долгогодишен сојузник, Австралија, за трговски договор и партнерство во областа на безбедноста и одбраната“, рече тој, соопшти неговата канцеларија.
„Наместо царини, Европа нуди заемно корисни резултати. Потенцијалот за соработка се протега надвор од трговијата, вклучувајќи, на пример, безбедност и одбрана, технологија или вештачка интелигенција“, додаде тој.
Тој исто така изјави дека брзата реакција на европските земји во заштитата на Кипар и Данска ја покажува принципиелната солидарност и моќ на Европа и дека концептот на стратешка автономија, првично споменат од Емануел Макрон, сега е широко прифатен.
Глобалните проблеми бараат мултиполарност и мултилатерални решенија, а Европа мора да биде во центарот на овој процес, изјави тој.
март 25, 2026

