Connect with us

Живот

Работни места што ќе исчезнат- и оние што ќе процветаат во 2026 година

Пазарот на трудот забрзано се менува под влијание на вештачката интелигенција, автоматизацијата, зелената транзиција и демографските поместувања. Додека дел од професиите тивко исчезнуваат, други бележат силен раст, особено таму каде што човечкиот фактор останува незаменлив.

Според анализа на дневниот весник Д Телеграф (The Telegraph), која се однесува на состојбата во Велика Британија, трендовите се јасни: рутинските и административните работни места се под сериозен притисок, додека здравството, ИТ- секторот и „зелените“ професии доживуваат експанзија. Иако истражувањето се фокусира на британскиот пазар, слични податоци се забележуваат и во другите технолошко развиени економии.

Во Велика Британија невработеноста достигна највисоко ниво во последните пет години, платите стагнираат, а работодавачите се повнимателни при нови вработувања. Секоја шестта компанија размислува за намалување на бројот на вработени поради воведување системи базирани на вештачка интелигенција.

Најпогодени се административните и канцелариските позиции, како и дел од финансиските и осигурителните услуги. Малопродажбата веќе подолго време се трансформира: самопослужните каси, автоматизираните продавници и онлајн платформите постепено го намалуваат бројот на класични продавачи.

Промени има и кај медиумскиот и маркетинг-секторот. Алатки како „Чет ГПТ“ сè почесто се користат за генерирање содржини, анализа на податоци и комуникација со клиенти. Во транспортот, пак, развојот на автономни возила и дронови ја ставаат под прашање за иднината на професионалните возачи и доставувачи.

Но, истовремено со згаснувањето на одредени работни места, други сектори бележат недостиг од кадар – здравствената и социјалната грижа. најбарани се негуватели, медицински сестри и персонал во домови за стари лица. Причината е јасна – стареењето на населението. Платите во овој сектор во Обединетото Кралство лани пораснале за 8,8 проценти, што дополнително укажува на потребата од кадар кој ниту роботите ниту алгоритмите засега не можат целосно да го заменат.

Амбициозните климатски политики и енергетската трансформација создаваат илјадници нови работни места. Инсталатери на соларни панели, техничари за ветерни електрани, стручњаци за енергетска ефикасност и инженери за одржливи проекти се меѓу најбараните професии. Преминот кон обновливи извори на енергија не е само еколошка, туку и економска стратегија што отвора простор за нови индустрии и долгорочни вработувања.

Технолошките професии, особено оние поврзани со вештачката интелигенција, кибер-безбедноста и управувањето со податоци, продолжуваат да растат. Компаниите инвестираат во развојот на сопствени дигитални решенија, што ја зголемува побарувачката за програмери, аналитичари и експерти за безбедност на информации. Покрај тоа, расте и потребата од наставници, обучувачи и ментори кои ќе овозможат преквалификација на работната сила. Соочени со брзите промени, многумина ќе мора да стекнат нови вештини за да останат конкурентни на пазарот.

Во пораст е и побарувачката за стручњаци за менталното здравје -индикатор дека динамичните економски и технолошки промени носат и психолошки предизвици. 

Заклучокот од анализата е јасен: иднината им припаѓа на оние што навреме ќе се адаптираат. Работниците сè повеќе ќе мора да инвестираат во нови знаења и вештини, особено во области каде што човечката емпатија, креативност и критичко размислување се незаменливи. Вештачката интелигенција и автоматизацијата нема целосно да го уништат пазарот на трудот, но ќе го трансформираат. Прашањето повеќе не е дали ќе има промени -туку кој ќе успее да се прилагоди на нив.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4