Забава
Истражување: Научници во Кина создадоа нова сорта домати со мирис на пуканки
Кинески научници развија генетски модифицирана сорта домати со необичен мирис на пуканки, користејќи ја алатката за генетско уредување ЦРИСПР/Цас9 (CRISPR/Cas9) – технологија чиј развој беше награден со Нобелова награда за хемија во 2020 година. Веста беше објавена во весникот (South China Morning Post).
Доматите со „изненадувачка арома“ се одгледани во експериментална стаклена градина во источната кинеска провинција Чжeџијанг. Според заменик-директорот на Институтот за биотехнолошки истражувања при лабораторијата „Сјангху“, Сју Шенчун, новиот мирис има потенцијал значително да го збогати вкусот на доматите и да ја зголеми нивната пазарна вредност – слично како што ароматичните сорти ориз се повисоко ценети на пазарот.
Истражувањето објавено во научното списание Џурнал оф Интегрејтив Агрикалчр (Journal of Integrative Agriculture), покажало дека научниците со помош на ЦРИСПР/Цас9 успеале да „замолчат“ два гена кои го потиснуваат создавањето на ароматични соединенија. Како резултат на тоа, доматите почнале да испуштаат мирис што е својствен за висококвалитетен ароматичен ориз- сличен на аромата на свежо подготвени пуканки со путер.
Според истражувачите, генетската интервенција не влијаела негативно врз приносот. Новиот вид не покажал значајни разлики во однос на времето на цветање, висината на растението, тежината на плодот или содржината на растворливи шеќери и органски материи во споредба со контролните примероци.
Кинеските експерти потсетуваат дека доматите се меѓу најпроизведуваните култури во светот. Сепак, со текот на времето, поради селекција насочена кон повисок принос и подолг рок на траење, вкусот и мирисот постепено се намалувале. Токму затоа, современите истражувања сè повеќе се насочени кон враќање и унапредување на органолептичките својства на овошјето и зеленчукот.
Новата сорта со мирис на пуканки претставува уште еден чекор во обидите науката да ги усогласи високите приноси со подобрени вкусови – комбинација што би можела да има значајно влијание врз иднината на прехранбената индустрија.
февруари 24, 2026

