Свет
Исланд размислува за брзо пристапување во ЕУ поради геополитичката ситуација
Исланд размислува да гласа уште во август за рестартирање на преговорите за членство во ЕУ откога американскиот претседател Доналд Трамп го обнови интересот за соседниот Гренланд.
Обновувањето на преговорите на Исланд за членство во ЕУ се совпаѓа со растечките стравувања за безбедноста на земјата, која нема сопствена армија и се потпира на НАТО за одбрана, пишува денеска бриселскиот портал „Политико“.
Владејачката коалиција во Рејкјавик вети референдум за рестартирање на преговорите за пристапување со ЕУ до 2027 година, но по воведувањето царини од страна на Трамп и заканите за анексија на Гренланд, тој рок сега се скратува.
Забрзувањето доаѓа по серијата посети на политичари од ЕУ на Исланд и исландски политичари на Брисел и откога Трамп го спомена Исланд на Светскиот економски форум во Давос минатиот месец, иако по грешка, четири пати.
Доколку граѓаните на Исланд гласаат за рестартирање на преговорите со ЕУ, земјата би можела да стане членка пред другите кандидати, изјави за „Политико“ лице запознаено со подготовките за референдумот.
Се очекува исландскиот парламент да го објави датумот на референдумот во следните неколку недели.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која во јануари се сретна во Брисел со шефицата на исландската дипломатија, Торгердур Катрин Гунарсдотир, изјави дека проширувањето на ЕУ сè повеќе се однесува на „безбедноста, припадноста и зачувувањето на способноста (на ЕУ) да дејствува во свет на конкурентни сфери на влијание“.
Геополитичките реалности, заедно со економските придобивки од приклучувањето кон ЕУ, имаат позитивен ефект врз јавното мислење за потенцијалниот влез на Исланд во ЕУ, а анкетите покажуваат дека поддршката расте.
„Сепак, патот на Исланд кон членство во ЕУ не е лесен“, изјави Гудни Тх. Јохансен, поранешен претседател на земјата, за „Политико“, укажувајќи дека процесот на пристапување би можел да наиде на некои политички пречки.
Потенцијално најголемата пречка е правото на риболов бидејќи риболовот е клучна индустрија на Исланд и беше голем проблем за време на претходните преговори.
Исланд аплицира за членство во ЕУ во 2009 година на врвот на финансиската криза, во која сите три водечки комерцијални банки во земјата пропаднаа.
Меѓутоа, владата ги замрзна преговорите на крајот на 2013 година во време кога исландската економија бргу закрепнуваше, а на зоната на еврото ѝ се предвидуваше можен колапс.
Пред да ги замрзне преговорите, Исланд затвори 11 од 33-те преговарачки поглавја.
Во пролетта 2015 година Рејкјавик побара повеќе да не се смета за кандидат за членство во ЕУ.
Се проценува дека обновените преговори со ЕУ, доколку граѓаните така одлучат на референдумот, може бргу да продолжат – Исланд е членка на Европскиот економски простор и дел од шенген-зоната и како таква веќе применува многубројни закони на ЕУ.
Исто така, овој пат прашањето за правото на риболов би било значително помала пречка бидејќи Велика Британија ја напушти ЕУ.
февруари 24, 2026

