Connect with us

Култура

Русјаков ја промовираше новата збирка раскази: „Егосурфер“ е професија

Александар Русјаков вечерва ја промовираше новата збирка раскази „Егосурфер“, во која се испреплетени научната фантастика, хоророт и сајбер-панкот. 

Книгата, како што рече, е жанровска, но низ неа се забележуваат неговите препознатливи, оригинални книжевни зачини – лиричностa, сатиричностa и специфичните кованици.

– „Егосурфер“ е збирка раскази, а го носи името по насловниот расказ „Егосурфер“ со кој почнува збирката. Збирката е жанровска, сите раскази спаѓаат во жанрот фантастика, односно во поджанровите научна фантастика, сајбер панк и хорор. „Егосурфер“ е сајбер панк расказ, „Егосурфер“ е професија, изјави Русјаков пред промоцијата.

Според него, живееме научна фантастика која полека станува реалност.

Во разговорот со промоторот Бисера Бендевска, Русјаков откри дека воопшто не се плаши од развојот на технологијата и од вештачката интелигенција.

-Лично сум застанат на копи-пејст. Немам ChatGPT. Но, не гледам потреба од хистерија во однос на вештачката интелигенција, таа нека копира колку сака, јас ќе создавам, ќе креирам. Всушност, се работи за алатка и од нас зависи како ќе ја користиме, истакна Русјаков.

Осврнувајќи се на жанровите во збирката, оцени дека фантастиката секогаш ќе има огромна публика. 

– Научната фантастика и хоророт имаат своја публика и таа е посебна, писателите имаат бескрајно моќна фантазија, а технологијата не може да го следи умот на писателот, ниту неговата имагинација, рече авторот кој и во своите нефантастични романи, дополни, сака да користи магичен реализам.

„Егосурфер“ е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и е достапна во сите поголеми книжарници, како и онлајн преку www.literatura.mk. 

 Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 2