Живот
Најмалиот Кју-ар-код во светот впишан во Гинисовата книга на рекорди
Најмалиот Кју-ар-код во светот има површина од само 1,98 квадратни микрометри. Тоа значи дека е помал од повеќето бактерии, не може да се види дури ни со светлосен микроскоп, туку само со електронски микроскоп, и поради тоа, тој е впишан во Гинисовата книга на рекорди.
Интересно е што новиот Кју-ар-код е за 37 отсто помал од претходниот носител на светски рекорд. Новиот рекорд е потврден во присуство на сведоци, а независна верификација беше спроведена во Универзитетот на Виена, објави порталот „Фосбајтс“ (Fossbytes).
Центарот за електронска микроскопија во австриската престолнина, каде што беше прочитан кодот, исто така, одигра посебна улога во проектот. Професорот Пол Мајерхофер од Институтот за наука и технологија на материјали во Виена објаснува дека микрометарските структури не се невообичаени денес, па дури е можно и да се манипулираат поединечни атоми.
– Проблемот се јавува кога структурите треба да се направат стабилни и читливи на долг рок. Атомите се движат со текот на времето, празнините се пополнуваат, а информациите исчезнуваат. Затоа, тимот разви екстремно мал, но стабилен и повеќекратно читлив Кју-ар-код. Сепак, само големината не е она што го прави овој потфат револуционерен. Структурите во микрометарски размер не се невообичаени денес, но предизвикот е да се направат трајни и сигурни за долгорочно складирање на податоци, истакна проф. Мајерхофер.
Клучот за успех лежи во материјалот. Научниците користеле тенок керамички слој (т.н. „серабајт“), којшто вообичаено се користи за зачувување податоци и заштита на високо-перформансни алатки и може да издржи екстремни услови.
Потенцијалот е во тоа што повеќе од два терабајти податоци може да се складираат на површината на страница во А-4 (големина на просечен училиштен учебник). За разлика од другите носители на податоци, керамичките записи не бараат енергија и се доста трајни.
Во време кога центрите за податоци трошат огромни количини енергија, со испуштање јаглерод-диоксид, оваа технологија отвора врата кон поекономично и поеколошко дигитално складирање податоци.
– Живееме во време кога сме преплавени со информации, но нашето знаење се складира на краткотрајни носители, вели Александар Кирнбауер од компанијата „Серабајт“ (Cerabyte).
Додека древните народи го врежувале знаењето во камен, иднината на современите информации е во керамичкото складирање. Принципот е сличен – податоците се запишуваат во стабилни, инертни материјали што ќе траат со години и векови, велат научниците. Но, истражувачите нагласуваат дека ова е само почеток. Се планираат тестирања на нови материјали, зголемена брзина на запишување и керамички мемориски системи, што би го направило долгорочното складирање на податоци практично и еколошки прифатливо.
февруари 19, 2026

