Connect with us

Свет

Британска двојка осудена на 10 години затвор во Иран поради обвинение за шпионажа

Британските државјани Линдзи и Крег Форман се осудени на 10 години затвор во Иран поради обвинение за шпионажа, соопшти нивното семејство.

Двојката од источен Сасекс е уапсена во јануари минатата година за време на патување со мотоцикл низ Иран и се наоѓа во затворот „Евин“ во Техеран, објави „Скај њуз“.

Тие ги негираат обвиненијата, а пресудата беше изречена по тричасовно судење на 27 октомври пред судијата Аболгасем Салавати во Исламскиот револуционерен суд.

Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер ја осуди казната како „крајно ужасна и неоправдана“ велејќи дека владата ќе работи неуморно за да ги врати во Велика Британија.

Синот на Линдзи Форман, Џо Бенет, рече дека на двојката не ѝ било дозволено да ја изнесе одбраната и дека не се презентирани докази за поддршка на обвиненијата. Тој додаде дека тие веќе поминале повеќе од 13 месеци во притвор и изрази загриженост за нивната здравствена состојба и недостигот на транспарентност во постапката.

Пред изрекувањето на пресудата Крег Форман ги опиша тешките услови во притвор и 57-те дена што ги поминал во самица наведувајќи дека тие „физички и емоционално го скршиле“.

Министерството за надворешни работи на Велика Британија ги предупредува граѓаните да не патуваат во Иран поради ризикот од апсење и притвор. Во последните години Техеран уапси повеќе странски државјани и лица со двојно државјанство, што западните земји и организациите за човекови права го оценуваат како политички мотивиран потег. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 3