Култура
Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, отворена изложбата „Графички белешки“ од Иво Пецов
Во галерискиот простор на Македонски културно-информативен центар во Софија, во присуство на бројни гости, претставници на дипломатскиот кор, културни работници и љубители на уметноста, синоќа беше отворена изложбата „Графички белешки“ од македонскиот ликовен уметник Иво Пецов. Настанот претставуваше значаен момент за претставувањето на современата македонска графика пред софиската публика.
Отворањето го означи директорот на Центарот, проф. д-р Зоран Пејковски, кој во својот говор го истакна поширокото значење на изложбата и ја постави нејзината културна рамка.
Тој се осврна на улогата на графиката како дисциплина што, како што рече, бара посветеност, трпение и внатрешна концентрација, нагласувајќи дека творештвото на Пецов сведочи за доследност кон класичната традиција, но и за чувствителност кон современите духовни и општествени прашања.
– Со тоа беше отворена една култура вечер исполнета со размислување, дијалог и внимателно набљудување на уметничкото дело. Пред присутните беше претставен заокружен циклус од дваесетина графики, создаван во континуитет во изминатите пет-шест години – период што означува интензивна творечка фаза во опусот на авторот. Делата, кои веќе биле изложувани и високо оценети на бројни групни изложби и меѓународни конкурси во Европа и пошироко, за првпат беа претставени како компактна целина пред софиската публика. Нивната внимателна селекција овозможи јасен увид во најновите правци на авторовиот ликовен израз, се вели во соопштението од Македонскиот културно-информативен центар во Софија.

Сите графики се реализирани во техниката сува игла – една од најсуптилните и најпредизвикувачки техники во класичната графика. Со директно врежување на линијата врз металната плоча, без посредство на хемиски процеси, уметникот ја задржува непосредната енергија на својот ракопис. Во оваа техника секој потег е конечен, секоја линија е одлука што останува запишана во материјалот. Потоа следи внимателно нанесување на бојата и печатење на традиционална рачна преса – процес што бара исклучителна прецизност. Поради чувствителноста на матрицата, тиражите се мали, најчесто до четири или пет отпечатоци, што на секое дело му дава карактер на реткост и единственост.
„Графички белешки“ може да се восприемат како визуелен дневник – интимна мапа на мисли, состојби и реакции на авторот кон времето во кое живее. Во композициите се преплетуваат надворешниот свет и внатрешниот духовен простор, при што искуствата се преобразуваат во симболи, знаци и асоцијативни структури. Делата не раскажуваат на директен начин, туку отвораат простор за лична интерпретација. Наместо јасни пораки, тие нудат тивка комуникација и повик кон внатрешен дијалог.
Во своето обраќање, заменик-амбасадорката Пејка Трајановска ја истакна важноста на културната соработка и размена, нагласувајќи дека ваквите настани придонесуваат за продлабочување на меѓусебното разбирање и зближување преку уметноста.
За творештвото на Пецов се осврна и уметникот и поет Роман Кисјов, кој ја нагласи духовната димензија и внатрешната концентрација што се чувствуваат во графиките. Според него, станува збор за автор што останува верен на класичната графичка традиција, но истовремено отвора простор за современа чувствителност и размислување.
Со повеќе од дваесет самостојни изложби и бројни меѓународни претставувања зад себе, Иво Пецов и со „Графички белешки“ ја потврдува својата континуирана творечка активност и препознатлив ликовен ракопис
февруари 18, 2026

