Политика
Стојаноски: Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите, факти што денес ССМ ги премолчува
Денес повторно сме должни да ја кажеме вистината. Истите што денес зборуваат за недостиг од социјален дијалог ги потсетуваме на јануари 2024 година кога тогашната влада на СДС и ДУИ поднесе пакет-закони со кои сакаше суштински да ја смени методологијата за пресметка на платите, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, во кое се пренесува прес-конференцијата на пратеникот Бојан Стојаноски, а МИА го пренесува интегрално.
Да бидеме целосно прецизни.
Со тие законски измени се предвидуваше минималната плата повеќе да не биде дел од формулата за пресметка на платите на административните службеници и покрај тоа што тоа беше дел од колективниот договор, кој тогаш го потпишаа ССМ и владата на СДС!
Тоа ќе значеше дека секое идно зголемување на минималната плата нема автоматски да се одразува врз другите плати во јавниот сектор. Или да кажеме појасно – прекин на линеарниот раст и слабеење на заштитниот механизам за работниците.
Дополнително, последните измени на текстот тогаш не беа ставени ниту на ЕНЕР. Синдикатите тогаш јасно посочија дека првпат се запознале со предлог-законот од веб-страницата на Собранието.
Немаше вистинска јавна расправа. Немаше суштински социјален дијалог преку Економско-социјалниот совет.
Кој реагира тогаш?
Тогашното раководство на ССМ дојде во Собранието.
Заедно со нас, тогаш како опозициска ВМРО-ДПМНЕ, поднесе амандмани и го спречивме носењето на тој закон.
Не дозволивме минималната плата да биде исфрлена од формулата. Не дозволивме платите да станат одвоени од реалниот раст на минималната плата.
Токму затоа денеска платите растат секогаш кога расте минималната плата.
Тоа е факт.
Тогаш поднесовме над 40 амандмани!
Еден од тие суштински амандмани беше токму предлог на ССМ – минималната плата и понатаму да биде дел од пресметката, со што линеарно би се зголемувале и другите примања.
Ние и сега сме доследни.
Затоа прашањето денес е едноставно:
Зошто се премолчува што се случуваше во 2024 година? Зошто денес Трендафилов не го кажува тоа? Зошто не се кажува дека токму со заедничка акција го заштитивме принципот минималната плата да остане основа за пресметка?
Ние тогаш не дозволивме набрзина, со европско знаменце и скратена постапка, да се протне решение што ќе ги чини работниците. Денес, како власт, продолжуваме да го почитуваме истиот принцип – системски, институционално и со јасни правила.
Разликата е очигледна.
Кога сме во опозиција – спречуваме штета. Кога сме на власт – обезбедуваме системски раст.
Работниците заслужуваат стабилност, предвидливост и целосна вистина.
Не селективна меморија, не дневна политика.
февруари 18, 2026

