Општини
Со поддршка од ЕБОР и ЕУ кон изградба на модерен, инклузивен и усогласен систем за управување со отпадот во согласност со ЕУ-стандардите
Многу е важно што регионалниот систем за управување со отпадот веќе не е само идеја на хатија. Ние веќе градиме инфраструктура, што е основа на овој систем. Затоа, 2026 е годината на реална промена. Ова значи крај на импровизациите. Нашето партнерство со ЕБОР и Европската Унија не е формалност, туку алатка за решавање реални, децениски проблеми. Управувањето со отпадот денес не е само еколошка тема – туку економска можност, прашање на достоинствена работа и социјална правда.
Ова го истакнал министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа на настан организиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со националните и меѓународните партнери во Скопје, кој има цел да ја обликува агендата за новите вештини и за работната сила за секторот. Министерот Хоџа притоа ја потврдил посветеноста на Владата во реформата на управување со цврстиот отпад.
Според ЕБОР, Северна Македонија прави решителен чекор кон изградба на модерен, инклузивен и усогласен систем за управување со отпадот во согласност со стандардите на ЕУ.
Работилницата, која била одржана со претставници на високо ниво, со работен наслов „Патеки до вештините и инклузијата во секторот за отпад“, како што наведуваат од ЕБОР, ја поставила основата за воведување конкретни мерки, каде што локалните заедници ќе ги стекнат потребните вештини за управување со напредна и модерна инфраструктура за отпад и за отворање можности за зелени вработувања.
Работилницата, се додава, е дел од програмата финансирана од Европската Унија, поврзана со регионалниот проект за цврст отпад финансиран од ЕБОР, кој ја поддржува изградбата на санитарни депонии во согласност со стандардите на ЕУ, претоварни станици и набавка на нова опрема во регионите Пелагонија/Југозападен Регион, Полог и Вардар/Југоисточен Регион.
– Целта на програмата е да помогне во создавање обуки на работното место, можности за учење преку работа и инклузивни патеки за вработување за локалното население, особено за невработените млади, жените и ромската заедница. Програмата исто така има цел да ја зајакне соработката меѓу јавните институции, регионалните компании за управување со отпад, приватните оператори и давателите на стручно образование и обука – се посочува во соопштението.
Штефен Худолин, раководител на Секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ, се посочува, изјавил дека „зелениот договор повеќе не е амбиција, туку целосно интегриран концепт во сите реформи, програми и проекти поддржани од ЕУ. Ова, според него, се гледаа и директно преку поддршката на ЕУ за системите за управување со цврст отпад.
– Со над 74 милиони евра во грантови го олеснуваме воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпадот во североисточниот и во источниот дел од земјата, а соработуваме со ЕБОР за да ја поддржиме трансформацијата и во другите делови на земјата. Преку поддршката што ја обезбедуваме во овој сектор во развој се фокусираме и на зголемена едукација и вештини, со што директно придонесуваме за надминување на бариерите за вработување на младите, на жените и на ранливите групи, што придонесува за затворање на јазот што постои на пазарот – рекол Худолин.
Претставникот на ЕБОР за земјата, Фатих Туркменоглу, изјавил дека ЕБОР обезбедува финансирање до 55 милиони евра за регионалниот проект за цврст отпад – трансформативна еколошка инвестиција, која ќе им служи на повеќе од еден милион граѓани.
– Овој проект ќе ги затвори несанитарните депонии и ќе воведе модерни капацитети, но неговиот долгорочен успех еднакво зависи и од инвестициите во луѓето. Зајакнувањето на техничките и на менаџерските вештини е клучно за градење модерен сектор за отпад, кој е усогласен со стандардите на ЕУ, како и за отворање нови зелени можности за вработување – навел Туркменоглу.
По работилницата, ЕБОР и партнерите ќе го финализираат планот на инклузивните патеки за вработување и ќе ги идентификуваат образовните пилот-програми во тесна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, надлежните образовни институции, општините, приватните и јавните оператори и институциите за обука – стои во соопштрението.
февруари 18, 2026

