Вести
Деветнаесетти состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација помеѓу Европската Унија и Република Македонија
Деветнаесеттиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација помеѓу Европската Унија и Северна Македонија (Комитет за СА) се одржа во Скопје на 10 февруари 2026 година, се наведува во денешното соопштение од Комитетот за стабилизација и асоцијација.
Со состанокот претседаваа заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, и Сигрид Бретел, раководителка на одделението за Албанија и Северна Македонија при Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ДГ ЕНЕСТ). Воведни обраќања имаа првиот заменик-премиер и министер за европски прашања, Беким Сали, и директорката на ДГ ЕНЕСТ за Западен Балкан, Валентина Суперти.
Комитетот за СА ги поздрави важните достигнувања постигнати од последниот состанок, кој беше одржан во 2021 година, вклучувајќи го затворањето на процесот на скрининг и почнувањето на фазата на отворање на процесот на пристапни преговори. Тој го нагласи значењето за Северна Македонија да продолжи со процесот на пристапување и да ги спроведе условите утврдени во заклучоците на Европскиот совет во 2022 година. Комитетот го поздрави напредокот во справување со одредниците за отворањето на кластерот за фундаментални прашања: патоказ за реформа на јавната администрација и патоказ за поглавјата за владеење на правото со придружен акциски план за заштита на правата на лицата што припаѓаат на малцинства или заедници, кој треба да се подготви и финализира во инклузивен процес.
Комитетот за СА ја разгледа моментната состојба во однос на политичките и економските критериуми, спроведувањето на реформската агенда во рамките на механизмот за реформи и раст и Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и усогласувањето со законодавството на ЕУ. Комитетот ја истакна важноста на унапредување на реформите на ЕУ, особено во однос на фундаменталните прашања, препораките во извештајот на Комисијата за 2025 година и заклучоците на поткомитетите за СА и специјалната група за реформа на јавната администрација. Комитетот ја поздрави посветеноста на напредокот постигнат од страна на Северна Македонија во однос на реформската агенда и ја нагласи важноста од решавање на сите чекори и како приоритет на оние чекори чиј грејс-период истекува во јуни 2026 година.
Комитетот за СА ги повика сите политички партии и национални засегнати страни да работат заедно на одржување и зајакнување на политичкиот дијалог и ја истакна важноста од решавање на преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венециската комисија за изборна реформа. Комитетот охрабри континуирани реформи во клучни области, како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и јавната администрација. Комитетот за СА ја забележа и тековната подготовка на нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди. Тој го призна напредокот постигнат во сектори, како што е дигитализацијата, а воедно ги забележа предизвиците во областите на животната средина и заштитата на климата.
Комитетот за СА го поздрави континуираното целосно усогласување на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тој повтори дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на процесот на стабилизација и асоцијација и дека билатералните договори треба да се спроведуваат со добра волја од страна на сите вклучени страни.
Комитет за стабилизација и асоцијација
февруари 18, 2026

