Свет
„Ватсап“: Русија се обидела целосно да ја блокира услугата
Услугата за пораки „Ватсап“ (WhatsApp) вчера ги обвини руските власти за обиди за целосно блокирање на апликацијата на територијата на Руската Федерација.
„Обидот да се изолираат над 100 милиони луѓе од приватна и безбедна комуникација е чекор назад и може само да доведе до помала безбедност за луѓето во Русија. Продолжуваме да правиме сè што можеме за да ги одржиме корисниците поврзани“, соопшти „Ватсап“, која е во сопственост на „Мета платформс“ (Meta Platforms), во објава на Х.
Руската влада веќе извесно време постепено ја ограничува функционалноста на меѓународните апликации за пораки. Повиците на „Ватсап“ веќе се ограничени на врски преку виртуелни приватни мрежи (ВПН). Ограничувањата влијаеја и на „Телеграм“ (Telegram) и на услугата „Ај-месиџ“ на „Епл“ (Apple iMessage).
„Ватсап“ користи енкрипција што овозможува само корисниците што комуницираат да може да ги читаат пораките во обичен текст, а не и самата компанија, објави ДПА.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година властите значително ги заострија контролите и цензурата на интернет. Додека пристапот до странски услуги е ограничен, во Русија е лансирана домашна услуга за пораки позната како „Maкс“. Во својата објава „Ватсап“ го опиша новитетот како „апликација за надзор во државна сопственост“ кон која руските власти се обидуваат да ги насочат и поттикнат корисниците.
февруари 12, 2026

