Вести
Марко Бислимоски поднесе оставка од позицијата Претседател на РКЕ
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, денеска поднесе оставка. Како што информира РКЕ, согласно Законот за енергетика и Статутот на РКЕ, се додека не се донесе одлука за престанок на функцијата претседател на РКЕ, Бислимоски ќе ја извршува функцијата.
Од РКЕ за МИА ја потврдија оставката на Бислимоски, но не соопштија детали за причините за нејзиното поднесување.
Бислимоски ја извршуваше функцијата претседател на РКЕ речиси осум години.
-Бислимоски денеска го извести Собранието на Република Северна Македонија дека поднесува оставка од функцијата. РКЕ ќе продолжи да функционира и да ги извршува надлежностите и обврските кои ги има согласно Законот за енергетика – наведува Регулаторната комисија и додава дека вработените и членовите во РКЕ јавно му се заблагодаруваат за долгогодишната соработка.
Управата за финансиска полиција (УФП) пред две недели му поднесе кривична пријава на Бислимоски под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Бислимоски, според УФП, не постапил според Законот за енергетиката и не ѝ ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје иако не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива. Лиценцата требало да биде одземена во јануари 2024 година, но постапката била прекината со незаконско решение и таа е одземена дури во април 2025 годин, што ѝ овозможило на компанијата во тој период да оствари промет од над 3,15 милиони евра и противправна имотна корист од речиси 229 илјади евра.
Бислимоски потоа на прес-конференција рече дека ќе им ги стави на располагање сите информации на надлежните институции со цел да докаже дека во постапката за одземање на лиценцата на компанијата не било направено никакво прекршување на законската регулатива.
февруари 12, 2026

