Општини
Советот на Општина Тетово формираше нова Работна група за преименување и именување улици
Советот на Општина Тетово на денешната осма седница формираше нова Работна група за преименување на улиците во општина Тетово, кои веќе имаат определено име и именување на улици кои името им е определено со реден број. Ваква група имаше формирано во август 2024 година, но во мај 2025 беше прекината работата поради локалните избори што се одржаа во октомври 2025 година.
На денешната седница за формирање на оваа Работна група гласаа 27 советници. Предлогот беше поддржан од Движење Беса и ВМРО ДПМНЕ кои формираат мнозинство со 16 советници, како и советниците од коалицијата Европски Фронт и граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“. Против гласаа советниците од СДСМ и Левица.
– Како точка на дневен ред имаме преименување улици во моментот кога градот ни тоне во секакви проблеми – финансиски, немање вода за пиење, немаме паркинзи, немаме тротоари, имаме поголеми суштински проблеми од преименување улици…Ние треба сериозно да се фатиме за работа и да ги решаваме реалните потреби на тетовчани, рече советникот Боби Илиевски.
Живе Алексовски од СДСМ смета дека со отворање на ова прашање се врши дефокусирање на јавноста од актуелните прашања и проблеми на граѓаните на Тетово, како што се како што се нерешените комунални проблеми, неисплаќање на плата на општинската јавна администрација за 2 месеци решавање на сообраќајните проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните на општина Тетово.
Ангел Карапетров од ВМРО ДПМНЕ, пак, истакна дека со оваа Работна група нема да се решава етничко прашање, туку техничко прашање.
– Знаеме дека во Тетово имаме 41 улица што нема никакво име ниту број и знаеме дека имаме 250 улици со број, но немаме куќен број пример улица 100 без број, додека пак за улиците кои имаат име ние уште претходно сме го кажале нашиот став дека нема да прифатиме промена тие имиња на улици. Знаеме дека одлуките се носат со Бадентер, Бадентерот е кај нас и секогаш ние ќе бидеме на висина на задачата и ќе си ја тераме работата како што треба. Потоа, кога одлуката ќе ја донесе Советот, одлуката оди во Влада. Владата треба да даде потврда. Значи имаме заштита секогаш. И ќе си тераме каков што е нашиот став, значи ќе прифатиме да разговараме за улиците кои немаат име и на тие улици кои немаат број, рече Карапетров.
За претседател на оваа Работна група е избран Алби Ќамили, кој беше носител на листата со кандидати на коалицијата „Вреди“ од редовите на Движење Беса. Тој воедно беше избран и за заменик градоначалник.
– Станува збор за процес од значајна административна, културна и функционална важност за градот, поради што ќе биде третиран со целосна сериозност и континуитет. Работата на претходната комисија ќе послужи како основа, при што ќе биде внимателно анализирана и одговорно продолжена со цел процесот да не се одолговлекува и да резултира со трајно и одржливо решение. Мојата заложба е процесот на именување на улиците да се заокружи на уреден, транспарентен и систематски начин во согласност со реалните потреби на граѓаните со почитување на историското на наследство идентитетот и урбаниот карактер на Тетово, рече Ќамили.
Според Ќамили, оваа Работна група ќе ги користи сите предлози кои ги има собрано претходниот состав.
јануари 31, 2026

