Connect with us

Свет

Ситуацијата со свлечиштето на југот на Сицилија се влошува, евакуирани најмалку 1.500 лица

Ситуацијата со големото свлечиште на југот на Сицилија дополнително се влоши, а досега се урнаа околу 350 милиони кубни метри земјиште, јавуваат денеска италијанските медиуми.

Според телевизијата ТР24 Скај, почвата и натаму се поместува, при што се слуша и придушен подземен татнеж, што дополнително ги зголемува стравувањата кај локалното население.

Свлечиштето почнало да покажува знаци на активирање во неделата, по што се разви во фронт долг околу четири километри. Пукнатината и натаму се шири, предизвикувајќи страв дека би можела да го зафати историското јадро на градот Нишеми. Локалните власти оценуваат дека зоната погодена од свлечиштето ќе мора дополнително да се прошири.

Властите донесоа одлука за целосна забрана на градежни активности на погоденото подрачје со површина од околу 25 квадратни километри.

Италијанската Влада најави можност за иницирање истрага за евентуални пропусти во градежните активности во оваа зона, а министерот за цивилна заштита Нело Музумечи ќе поднесе извештај пред парламентот на 4 февруари.

Во меѓувреме, опозицијата врши притисок средствата наменети за изградба на мостот преку Месинскиот Теснец да бидат пренасочени кон обновата и санацијата на најпогодениот град Нишеми, како и на другите три региони погодени од циклонот Хари – Сицилија, Калабрија и Сардинија.

Потпретседателот на Владата и министер за инфраструктура и градежништво, Матео Салвини, ја отфрли ваквата можност.

Досега најмалку 1.500 лица се евакуирани од своите домови во Нишеми, откако силната бура предизвикана од циклонот Хари активираше свлечиште што создаде пукнатина долга околу четири километри на падината на блиското ридско подрачје.

Градоначалникот на Нишеми, Масимилијано Конти, изјави дека состојбата е критична, откако невремето урнало голем дел од падината, оставајќи бројни куќи опасно надвиснати над работ на стрмната карпа, пренесува британскиот весник „Гардијан“.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3