Хроника
Кривична пријава против претседател на ловечко друштво во Струмица за проневера
Струмичката полиција поднесе кривична пријава против претседател на локално ловечко друштво, осомничен за проневера во службата. Според податоците од истрагата, пријавениот во подолг временски период присвоил значителни финансиски средства од сметката на друштвото, со што била причинета материјална штета на организацијата.
– СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против Д. Р. (41) од Струмица поради постоење на основи на сомневање дека сторил кривично дело проневера во службата по член 354 од КЗ – стои во соопштението од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека пријавениот во својство на претседател на ловечко друштво од Струмица, со намера дастекне противправна имотна корист, во текот на 2024 и 2025 година од трансакциска сметка на ловечкото друштво, на која воедно бил и овластен потписник, во повеќе наврати подигнувал поголеми износи парични средства, кои ги присвоил за себе, без за тоа да има соодветна оправданост или сметководствено покритие.
– Со таквите дејства Д. Р. прибавил за себе противправна имотна корист во вкупен износ од 1.326.787 денари и за овој износ е оштетено ловечкото друштво – дополнуваат од ОЈО.
јануари 30, 2026

