Connect with us

Култура

Програма за соработка во културата помеѓу Македонија и Србија за 2026 – 2030 потпишана во Крушево

Отворање културни центри, помош во заемното отстапување на таквите центри во светот за културните настани, формирање заеднички камерен состав и соработка во филмската индустрија, се само дел од многуте проекти и настани што се во програмата од 2026 до 2030 година за соработка во културата помеѓу Македонија и Србија.

Министрите за култура на двете земји, Зоран Љутков и Никола Селаковиќ, денеска, во историското и туристичко Крушево ја потпишаа програмата за соработка во културата од 2026 до 2030 година. Потпишувањето се совпаѓа со јубилејните 30 години од воспоставувањето билатерални односи меѓу двете држави.

-Ова е значаен ден за двете држави бидејќи не само што имаме 30 години соработка туку потпишуваме и еден значаен документ во културата – програмата за култура зашто тоа е нешто што двете земји интензивно ги врзува со децении. Сега правиме едно надополнување на настаните, кои во иднина ќе се случуваат помеѓу Македонија и Србија. Она што е за мене уште поинтересно е отворањето на културните центри во Македонија и во Србија, а поважно е тоа што го договоривме – помошта или отстапувањето на културните центри што ги имаат Македонија и Србија надвор од своите земји. Така ќе си помогнеме. Доколку Македонија сака да претстави некоја културна содржина, на пример во Париз или во некој друг град, тука во пресрет ни излегува културниот центар што таму го има Србија  и обратно, изјави Љутков. 

Тој посочи дека Македонија и Србија и досега имаат добра соработка во културата и оти важно е што и националните установи тесно соработуваат. 

– Зборувавме и за формирање еден камерен состав, кој, на пример, ќе работи така што српски композитор ќе преработува македонска музика или обратно и составот ќе може да патува секаде во светот. Имаме стотици проекти. Регионална соработка ќе имаме и во филмската индустрија. Тоа значи да отстапиме капацитети од Македонија и Србија за да дојдат странски компании од оваа индустрија – најави Љутков.

Министерот за култура на Република Србија, Никола Селаковиќ, нагласи дека е чест што програмата за соработка во идните четири години ја потпишуваат во историското и туристичко Крушево и посочи дека годинешниот 30-годишен јубилеј од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји ќе биде одбележан и со повеќе културни настани.

– Ја потпишавме програмата за културна соработка меѓу двете земји и двете министерства за период од 2026 до 2030 година. Во тој период е предвидено да се интензивира нашата соработка, која досега е добра и плодна во разни области од културата. Без разлика дали станува збор за современото творештво или станува збор за заштитата за што уште ќе се говори. Ќе се потрудиме овој 30-годишен јубилеј да биде одбележан и со културни настани на адекватен начин. Говоревме и за можностите за соработка на регионално ниво во областа на филмската продукција, односно промоција на Србија, Македонија и на другите држави во регионот како дестинација за снимање филмови. Нашите земји се дополнуваат со локациите за снимање филмови, а со тоа може да бидеме конкурентни – изјави министерот Селаковиќ, кој е во дводневна посета на Македонија.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4