Connect with us

Општини

Во Општина Пробиштип ќе се унапредува дуалното образование

Општина Пробиштип денеска организираше средба со претставници на Средното Општинско училиште (СОУ) „Наум Наумовски – Борче“ и локални приватни компании, а темата на состанокот беше унапредување на дуалното образование. Од кабинетот на градоначалникот на Општина Пробиштип информираат дека целта на настанот е согледување на потребите од воведување нови струки во средното образование, во согласност со реалните барања на пазарот на труд, како и размена на искуства од досегашната имплементација на дуалниот модел на образование.

-Во рамки на социјалниот дијалог беа презентирани искуствата од практичната обука на учениците од машинската и рударско-геолошката струка, кои ја реализираат наставата во соработка со локални компании. Дел од учениците за својата ангажираност добиваат и стипендии, согласно профилот и насоката на струката што ја изучуваат, информираат од Општина Пробиштип.

Практичната обука се спроведува под менторство на стручни лица од компаниите, кои го следат напредокот на учениците и им помагаат во совладувањето на работните задачи. На овој начин, учениците стекнуваат конкретни практични вештини и работно искуство, што значително придонесува за нивниот личен и професионален развој.

На денешниот состанок е заклучено дека дуалното образование претставува значаен бенефит и за компаниите, кои добиваат подготвен и обучен кадар, запознаен со работните процеси, што овозможува поквалитетно производство и зголемена конкурентност на пазарот.

На настанот присуствуваа директорот на СОУ „Наум Наумовски – Борче“, професори вклучени во дуалното образование и кариерното насочување, стручната служба од училиштето, како и претставници од локалните компании „БУЛМАК 2016“ – Рудници за олово и цинк, Пробиштип и „ТАБ-МАК“ – Фабрика за акумулатори.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1