Култура
Софија Стојанова лауреат на наградата за најдобра беседа „Григор Прличев“
Софија Стојанова, ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица е авторка на беседата „По песната птиците се разликуваат“, избрана за најдобра на конкурсот за наградата што во чест на охридскиот поет Григор Прличев ја доделува Охридската библиотека.
Стојанова за добиената награда вели дека за неа претставува исклучително значајно признание и длабока лична радост.
Овој успех не го доживувам само како потврда за мојот труд, туку и како охрабрување да продолжам уште посветено да се надградувам и да го следам патот на знаењето. Ова признание претставува поттик да бидам уште поодговорна кон сопствените цели и уште похрабра во остварувањето на своите соништа – вели таа.
Софија Стојанова е млада, но изградена авторка за што потврда се бројните наградите од областа на литературата освоени изминатите две години, меѓу кои први места на повеќе литературни конкурси.
Наградата на младата авторка на најдобрата беседа ќе и биде врачена на 6 февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ што се одржува во Охрид.
јануари 26, 2026

